Фото: Profimedia

Иран и Америка ја гаснат војната со водата од Ормускиот Теснец

Америка, по триумфите во двете светски војни, но и по неколкуте Пирови победи во подоцнежните конфликти, тешко може да си дозволи да изгледа како слабак што се повлекува пред очите на светот, бидејќи мора да го зачува имиџот на водечка глобална сила. Тоа важи и покрај сѐ поочигледните индикатори дека Вашингтон сфаќа оти можеби избрзал со нападот врз Иран.

Светот денес се разбуди со добра вест: Иран и САД се договорија за двонеделно примирје за да продолжат преговорите и да се отвори Ормускиот Теснец за трговски бродови. Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор, а Иран најави прекин на одбранбените операции. И двете земји прогласија победа. Со тоа, барем привремено, тие избегнаа опасна ескалација откако американскиот претседател Доналд Трамп, како што знае, се закани дека „ќе исчезне една цела цивилизација“ ако Иран не го прифати договорот.

Повеќе држави и меѓународни претставници го поздравија договорот како можност за смирување на кризата и за безбеден поморски сообраќај низ Ормускиот Теснец. Пазарите реагираа позитивно: во тргувањето по затворањето на берзите, цената на барел нафта падна под 100 долари за првпат по неколку дена, а фјучерсите на американските акции нагло пораснаа. Преовладува чувство на оптимизам дека најлошото помина.

Но, трендот на позитивни наспроти негативни вести бележи остри скокови и падови кога станува збор за политиката на Трамп, кој е непредвидлив. Во една сцена од култниот филм „Доктор Стрејнџлав или: Како научив да престанам да се грижам и ја засакав бомбата“ на Стенли Кјубрик, ликовите седат околу маса и решаваат дали ќе го оттурнат светот кон нуклеарна катастрофа. Иако филмот е црно-бел, Кјубрик инсистирал масата да биде прекриена со зелена чоја за актерите да имаат чувство дека играат покер со судбината на светот. Веројатно, нешто слично е и со односот на Трамп кон кризите, додека светот ја гледа Белата куќа во црно-бело.

Преговорите во следните две недели најверојатно ќе бидат тешки, ризични и неизвесни, а сегашниот договор не значи и траен мир. Покрај тоа, Трамп се соочува со внатрешни проблеми во Америка, но и со надворешни притисоци, што дополнително може да му ги расипе математиките.

Што сака Иран, а што САД?

Според државните медиуми, Иран ќе го прифати завршувањето на војната дури откако деталите ќе бидат финализирани во согласност со мировен план од 10 точки, кој наводно бил доставен до Белата куќа преку пакистански посредници. Според иранските државни медиуми, планот од 10 точки вклучува повеќе услови што САД и претходно ги отфрлале.

Меѓу јавно објавените барања се: укинување на сите примарни и секундарни санкции против Иран, продолжена иранска контрола врз Ормутскиот Теснец, повлекување на американската војска од Блискиот Исток, прекин на нападите врз Иран и неговите сојузници, ослободување на замрзнатите ирански средства и резолуција на Советот за безбедност на ОН што би го направила секој договор обврзувачки.

Во верзијата објавена на фарси, Иран ја вклучил и формулацијата „прифаќање на збогатувањето“ за својата нуклеарна програма. Но, од причини што остануваат нејасни, таа фраза недостасувала во англиските верзии што иранските дипломати им ги споделиле на новинарите.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој имаше важна посредничка улога во договарањето на прекинот на огнот, соопшти дека ги поканил американската и иранската делегација в петок да се сретнат во Исламабад, а Техеран веќе потврдил дека ќе учествува, додека, пак, Белата куќа навела дека можноста за директни разговори сè уште се разгледува. Еден од главните проблеми е тоа што Америка има свој мировен план од 15 точки што Иран и натаму не го прифаќа.

Контролата на Иран врз Ормускиот Теснец е адутот на Иран, па главното прашање е дали тој навистина ќе остане отворен. Техеран формално се согласи на отворање на теснецот, но под услов безбедниот премин да се одвива во координација со неговите вооружени сили, а според некои извештаи се разгледува и можноста за воведување високи такси за бродовите што минуваат низ овој клучен поморски коридор.

Америка не смее да покаже слабост

Америка, по триумфите во двете светски војни, но и по неколкуте Пирови победи во подоцнежните конфликти, тешко може да си дозволи да изгледа како слабак што се повлекува пред очите на светот, бидејќи мора да го зачува имиџот на водечка глобална сила. Тоа важи и покрај сѐ поочигледните индикатори дека Вашингтон сфаќа оти можеби избрзал со нападот врз Иран, без целосно да се земе предвид факторот – „Иран може да го блокира Ормускиот Теснец и да ја дестабилизира светската економија“.

Трамп очигледно се обидува да проектира слика дека САД ја имаат контролата над ситуацијата и дека токму тие ги диктираат условите во преговорите, при што настојува Иран да го претстави како послаба сила што попушта под притисокот. Но, понекогаш, кога една сила премногу инсистира да покаже колку е голема, токму тогаш покажува слабост. Затоа, и покрај реториката на надмоќ, останува впечатокот дека Вашингтон сега само се обидува да си го спаси угледот.

Дали Израел е клоцнат настрана?

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Израел ја поддржува американската одлука да ги паузира ударите врз Иран за две недели и порача дека Техеран мора веднаш да го отвори теснецот и да ги запре нападите врз САД, Израел и врз земјите во регионот. Израел наведе и дека ги поддржува американските напори да се обезбеди Иран повеќе да не претставува нуклеарна, ракетна или „терористичка“ закана. Исто така, Нетанјаху пред една недела рече дека „Иран повеќе не е егзистенцијална закана за Израел“, иако Техеран продолжи засилено да го напаѓа Израел, па изјавите на лидерите на земјите вклучени во конфликтот не треба да се земаат здраво за готово.

Опозицијата во Израел изнесува поинаква слика, тврдејќи дека Израел на некој начин бил оттурнат на страна во договорот. Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, се пожали за примирјето со Иран и го обвини Нетанјаху за политички и стратешки неуспех, нарекувајќи го договорот „политичка катастрофа“. Можно е, секако, да станува збор и за дневнополитичка пресметка, односно за обид опозицијата да извлече поени дома. Но, ваквите реакции може да се читаат и како индикатор дека Трамп, барем делумно, го изолира Нетанјаху од одлуките, настојувајќи американските приоритети да ги стави во преден план.

Останува да се види насоката на Трамп, односно во која мера ќе го вклучи Израел во преговорите со Иран.

Трамп добива прекорни погледи дома

Американскиот претседател се соочува и со внатрешни притисоци во земјата. Демократите, но и дел од републиканците, остро ги осудија неговите изјави во кои се закани дека „ќе исчезне една цела цивилизација“, оценувајќи ги како недолични и опасни, а и самата војна со Иран, според анкетите, не ужива поддршка во САД.

Според анкета на „Пју рисрч“ објавена на 25 март, 61 отсто од Американците не го одобруваат начинот на кој Трамп го води конфликтот. Истото истражување покажува и дека 64 отсто од испитаниците имаат малку или воопшто немаат доверба во неговите одлуки поврзани со политиката кон Иран. Во меѓувреме, „Ипсос“ објави дека 66 отсто од Американците сакаат САД што побрзо да го завршат своето учество во војната, дури и ако не се исполнат сите цели, додека, пак, 60 отсто не ги одобруваат американските воени удари врз Иран.

Овие притисоци би можеле да го натераат Трамп на отстапки во пресрет на среднорочните избори наесен, кога неговата непопуларност би можела да се претвори и во лош изборен резултат.

Сѐ на сѐ, двонеделното примирје засега изгледа повеќе како кревка пауза во која сите страни купуваат време и ги прегрупираат своите позиции, отколку како вистински почеток на траен мир. А дури и да се постигне подолг мир, останува опасноста повторно да избие конфликт во наредниот период бидејќи интересите на овие земји се во различни насоки.

Трамп: Ќе разговараме со Иран за олеснување на царините и на санкциите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот