Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Трамп: Ќе разговараме со Иран за олеснување на царините и на санкциите

САД ќе соработуваат тесно со Иран, а двете земји разговараат за олеснување на царините и на санкциите, изјави во средата американскиот претседател Доналд Трамп, по објавата за двонеделно примирје.

Трамп во вторникот вечерта се повлече од работ на целосен напад врз Иран, само два часа пред рокот што му го постави на Техеран за да го отвори блокираниот Ормуски Теснец.

Трамп на социјалните мрежи напиша дека голем дел од 15-те точки од американскиот план предложен до Иран веќе биле усогласени, но не изнесе дополнителни детали.

„Разговараме и ќе разговараме со Иран за олеснување на царините и на санкциите“, напиша Трамп во објава на социјалните мрежи.

И покрај неговите еуфорични изјави, како и широко распространетото олеснување на улиците во Иран и на светските финансиски пазари поради примирјето, главните несогласувања меѓу Вашингтон и Техеран остануваат нерешени, а двете страни и натаму се држат до спротивставени барања за можен мировен договор.

Трамп во средата изјави и дека секоја земја што ќе испорачува оружје на Иран веднаш ќе се соочи со царина од 50 отсто на сите стоки што ги извезува во САД.

Пекинг и Москва му помогнаа на Иран да изгради воен капацитет за спротивставување на американскиот и израелскиот притисок, снабдувајќи го со ракети, системи за противвоздушна одбрана и со технологија наменета за зајакнување на одвраќањето, усложнување на американските операции и зголемување на цената на евентуален напад.

Но, Русија и Кина покажаа воздржаност во својата поддршка за време на американско-израелските напади врз Иран.

Главниот опозициски лидер во Израел се жали за примирјето со Иран: „Никогаш во нашата историја немало ваква политичка катастрофа“

„Многу продуктивна промена на режимот“

Трамп во средата упати пофалби кон сегашните ирански власти, откако во американските и израелските напади беа убиени повеќе високи функционери, меѓу нив и врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи. Него го наследи неговиот син Моџтаба Хамнеи како врховен лидер.

„САД ќе соработуваат тесно со Иран, за кој утврдивме дека поминал низ она што ќе биде многу продуктивна промена на режимот! Нема да има збогатување ураниум, а САД, работејќи со Иран, ќе го ископаат и отстранат целиот длабоко закопан нуклеарен ‘прав’ (Б-2 бомбардери). Ништо не е допрено од денот на нападот“, напиша Трамп во објава на „Трут сошал“.

Војната што ја водеа САД и Израел сè уште не го лиши Иран ниту од неговите резерви на високо збогатен ураниум, речиси на ниво за оружје ниту од неговата способност да ги погодува соседите со ракети и дронови. А иранското клерикално раководство, кое пред неколку месеци се соочи со масовно востание, ја издржа шестнеделната офанзива без видливи знаци на внатрешна опозиција.

Како реагира светот на примирјето помеѓу Иран и Америка?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот