Супербоул 55: Том Брејди стои на патот на раѓањето на нова НФЛ империја

Рекламите за време на Супер боул се продаваат за неверојатни суми/ фото: EPA-EFE/ERIK S. LESSER

Вечерва по полноќ ќе започне најскапиот и најголемиот спортски настан во САД и најверојатно на светот, финалето на НФЛ лигата, популарниот Супербоул 55 во кој ќе играат актуелниот шампион Канзас сити чифс и Тампа беј баканирс.

Во САД денеска коронавирусот нема да биде вест број еден, туку тоа ќе биде Супербоул 55, најважниот и најскапиот спортски настан во годината.

Во финалето на НФЛ лигата, популарниот Супербоул кој ќе се игра во Тампа, ќе се сретнат токму Тампа Беј баканирс и актуелниот шампион Канзас сити чифс. Овој дуел воедно ќе претставува пресметка помеѓу, за многумина најдобриот квотербек на сите времиња, Том Брејди и Патрик Махомс кој е на добар пат да ја достигне славата и големината на противникот. Махомс воедно е и сопственик на најголемиот договор на еден спортист на сите времиња, 500 милиони долари за 10 години.

Токму човекот кој има шест Супербоул наслови од девет учества, Том Брејди, стои на патот на создавање на нова династија во НФЛ лигата, Канзас сити чифс кои минатата година славеа во Супербоилот над Сан Франциско.
Пред стартот на сезоната, малкумина беа тие кои не ги видоа Канзас сити и Махомс во финалето, а шампионот во целост ги оправда очекувања. Доживеа два порази во регуларниот дел, додека во плеј-офот Канзас сити ги совлада Кливленд и Бафало за нов пласман во Супербоул.

EPA-EFE/CJ GUNTHER

Од друга страна, пласманот на Тампа Беј во големото финале претставува изненадување бидејќи пред стартот на плеј-офот, сите очекуваа Грин Беј да го предизвика шампионот. Но, Брејди иако има 42 години, покажа зашто за многумина е најдобриот квотербек во историјата, кога беше најважно, тој најмалку грешеше и успеа да го предводи својот тим до победите над Вашингтон, Њу Орлеанс и Грин Беј да си обезбеди пласман на Супербоул кој ќе се игра токму на нивниот стадион и тоа пред 23.000 навивачи.
Според експертите, шампионот Канзас сити е голем фаворит во вечерашниот спектакл (00:30 ч.), а главен адут е токму Махомс,  а згора на тоа експертите велат дека шампионот нема мана, додека адутите на Тампа Беј се Брејди кој знае како се освојуваат титули и фантастичната одбрана која во плејофот успеа да запре квотербекови како Дру Брис и Арон Роџерс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот