Супер лига: Вардар ја оправда фаворитската улога против Тинекс Пролет
Ракометниот клуб Вардар 1961 го забележа и третиот триумф во македонската Супер лига, откако со 31:20 славеше против Тинекс Пролет кој пак по стартните две победи го претрпе првиот пораз сезонава.
Препорачано
„Црвено-црните“ на Недановски се покажаа во одлично светло и наметнаа темпо што играчите на Лембанов не можеа да го следат, заслужено стигнувајќи до бодовите. Фаворитот на овој меч веднаш стекна висока предност од пет голови разлика (8:3), следуваа два гола во низа за Тинекс Пролет.
По исклучувањето на ракометарот на Тинекс Пролет, Димковски, на средина од првото полувреме Вардар направи серија од 4:0 за уште поубедливи 12:5. Вардарци продолжија да ја контролираат играта до самиот крај на полувремето, на одмор заминувајќи со резултат 16:8.
Второто полувреме почна со нешто подобра игра на Тинекс Пролет, кој преку Арсеновски и Кочаров намали на 16:10. Сепак, јасно беше дека Тинекс Пролет нема сили за посериозен камбек бидејќи Вардар набрзина се консолидираше, рутински ја одржуваше предноста, па пред крајот на мечот стигна и до двоцифрена позитива, на крајот добивајќи го овој натпревар со 11 голови разлика.
Во победничките редови се истакна Петриќ со седум голови, еден помалку запиша Родригез. На спротивната страна Василевски и Мајнов постигнаа по четири голови.


