Фото: Profimedia

Сунак го посети Киев, вети воена помош за Украина од 50 милиони фунти

Новиот британски премиер Риши Сунак за прв пат го посети Киев, ветувајќи дека ќе ја продолжи цврстата поддршка за Украина што беше во фокусот на неговите претходници, а истовремено најави и нов пакет помош за воздушна одбрана против руските беспилотни летала. „Британија знае што значи да се бориш за слобода“, напиша Сунак на Твитер. „Ние сме со вас цело време“, додаде тој.

Сунак, исто така, рече дека Велика Британија ќе обезбеди нов пакет воена помош во вредност од од 50 милиони фунти, кој вклучува противвоздушно оружје и технологија како радар за спротивставување на напади со беспилотни летала. Лондон, исто така, истакна дека ќе ја засили обуката на украинските војници.

„Додека украинските вооружени сили успеваат да ги потиснат руските сили на теренот, цивилите се брутално бомбардирани од воздух“, се вели во соопштението на Сунак.

„Денеска обезбедуваме нова воздушна одбрана, вклучително и противвоздушно оружје, радарска и противдрон опрема и ја засилуваме хуманитарната поддршка за студената, тешка зима што претстои“, додаде тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави видео од средбата меѓу двајцата во Киев и ја поздрави континуираната поддршка од Лондон. „Со пријатели како тебе покрај нас, ние сме уверени во нашата победа. И двете земји знаат што значи да се бориш за слобода“, напиша Зеленски на Твитер.

Сунак, поранешен министер за финансии, ја презеде функцијата минатиот месец по краткотрајната премиерска функција на Лиз Трас. За неа и за нејзиниот претходник Борис Џонсон, јавната поддршка за Украина беше важен дел од политиката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот