Судот во Хаг му нареди на Израел да спречи акти на геноцид, но по наредбата над 1100 Палестинци се убиени

Фото: Твитер

Бројот на убиените Палестинци во израелската офанзива на Појасот Газа, која трае речиси четири месеци, надмина 27.000, а повеќе од 66.000 луѓе се ранети, соопшти денеска тамошното Министерство за здравство.

Бројот на убиени се зголеми за повеќе од 1.100 откако Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг пред една недела му нареди на Израел да стори сé што може за да спречи убивање, разорување и каков било чин на геноцид врз Палестинците во Газа.

Израел ги негира обвинувањата за геноцид, изнесени од Јужноафриканската република која поднесе тужба во Хаг и вели дека се бори да го уништи Хамас, кој управува со Газа.

За конечната пресуда на МСП најверојатно ќе биде потребна цела година, посочуваат западни медиуми.

Како што е наведено денеска, од почетокот на војната досега се убиени 27.019 Палестинци, а 66.139 се ранети. Не беше прецизирано колку жени и деца се убиени, но претходно беше соопштено дека тие сочинуваат две третини од жртвите.

Палестинското Министерство исто така во извештаите за убиените не прави разлика меѓу цивили и борци.

Израел тврди дека илјадници екстремисти на Хамас се убиени во војната, но засега не дал докази за тоа.

Војната започна со упадот на стотици палестински екстремисти предводени од Хамас во јужен Израел на 7 октомври, кога беа убиени 1.200 луѓе, главно цивили, а околу 250 заложници беа однесени во Газа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот