Судиите едногласни: Нема услови за онлајн судења

Фото: Слободен печат

Прво треба интервенција во процесните закони но и да се создадат услови за да има онлајн судски процеси, изјави денеска судија д-р Џемали Саити, претседател на Здружение на судиите на Република Македонија, на денешното промовирање на Протоколите за спроведување на мерките за заштита од ковид-19 во судовите. Овие протоколи денеска беа промовирани во Граѓанскиот и Кривичниот суд во Скопје. Истите ќе бидат промовирани и во сите други судови низ земјава.

– Од седум судења дневно во Граѓанскиот суд, дневно има по едно барање за одлагање на судењето поради позитивен резултат на некој од странките – изјави судијката Емилија Шопар Јованова од Граѓанскиот суд.

Претседателот на здружението на судии Џемали Саити смета дека нема услови судовите да спроведат онлајн судења за време на пандемијата.

– Пречка првин се процесните закони, особено во кривичните постапки, неопходно е првин нивно прилагодување. Мислам дека и судовите не располагаат со техничка опрема за спроведување на судења со употреба на интернет технологијата – изјави Саити.

Претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев рече дека и до сега судот ги спроведувал мерките. Објасни дека се врши редовна дезинфекција на судниците, се мери температура при влез во судската зграда.

– Законите се пречка да се спроведуваат онлајн судења. Кривичниот суд и не располага со доволна техничка опременост, но можеби две до три судења е возможно се прават дневно – изјави Џолев.

Инаку Протоколот е донесен од страна на Здружението на судии на Македонија, има советодавен карактер и има за цел да им помогне на претседателите на судовите и останатите вработени во судовите, на сите странки и други учесници во судските постапки, а ќе се применува се до престанок на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Според протоколот задолжително е носење на заштитни маски, користење на средства за дезинфекција, социјална дистанца од 2 метри, проветрување и дезинфекција на просториите во судовите, а на секое лице на кое при влегување во судската зграда ќе му се измери телесна температура над 37,2 степени влез во судот нема да му биде дозволен.

Видео на денот