Студентот што снимал колешки како се тушираат сè уште не е иселен од домот „Гоце Делчев“
Директорот на студентскиот дом „Гоце Делчев“ Во Скопје, Александар Каровски, за „Слободен печат“ вели дека наскоро студентот фатен на дело како снима девојчиња во бањата од домот со мобилен телефон додека се тушират, ќе биде иселен од домот. Скандалот го открила студентка која додека се туширала во бањата, го забележала уредот поставен скришно, над параванот.
Препорачано
-Како дом имаме обврска да поведеме дисциплинска постапка против студентот што снимал и ќе биде иселен. Тоа е највисоката казна што најверојатно ќе ја предложи дисциплинската комисија а јас ќе ја изречам. Поради безбедноста на жените, недозволиво е снимање и прекршен е законот, но за тоа ќе биде спроведена посебна истрага од полицијата каде што го пријавив случајот. Ми се јавија студентки, а бидејќи се полнолетни ги упатив во полиција. Признал дека снимал. Дали снимал еднаш или десет пати – се работи за голем прекршок и кривично дело. МВР побараа снимки од безбедносните камери. Но, додека не му е изречена казната има право да живее во домот, можеби си отишол дома можеби не, рече за „Слободен печат“ директорот на домот Каровски.
Студентките во државниот студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје, се исклучително вознемирени откако деновиве од страна на претседателката на Советот на станари биле информирани дека во блокот А на 12 кат, станар во повеќе наврати правел фотографии на девојчиња додека се тушираат, со телефон поставен над параванот.
Завчера, околу 17 часот, станарот бил затекнат на дело, по што е реагирано во полиција и во управата на домот. При увидот, во неговиот уред беа пронајдени фотографии од повеќе станарки. Ги повикувам сите кои можеби забележале нешто сомнително или почувствувале дека се сликани додека се капат, да пријават, се наведува во групата на Вибер на студентскиот дом, наменета за оние кои престојуваат таму, а во чии преписки увид доби „Слободен печат“.
Нашата редакција се обрати во Министерството за внатрешни работи за да ја провериме оваа информација. Полицијата го потврдува вознемирувачкиот настан.
„На 16 октомври 2025 во 20 часот и 10 минути во СВР Скопје, 22-годишна девојка од Прилеп, со престој во студентски дом на подрачјето на Карпош, пријавила дека истиот ден околу 17 часот, додека се туширала забележала телефон над параваните. Според пријавата, А.М. (22) од Богданци ѝ кажал дека тој ги направил фотографиите. Лицето е приведено во полициска станица, а одземени му се лаптоп и компјутер. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР за „Слободен печат“.


