ротест за дислокација на УСЈЕ / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

„Стоп за Усје“: Наместо податоци во реално време, институциите објавуваат селектирани извештаи за загадувањето

Од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ информираат дека откако испратиле барање до Општина Кисела Вода да овозможи мерната станица во дворот на Цементарница постојано да мери јавно и во реално време, оттаму добиле одговор дека податоците од мерните станици нема да можат да се гледаат постојано бидејќи тие, како што велат, немаат систем кој поддржува 24-часовна достапност.

„Стоп за Усје“: Бараме независни мерни станици што ќе овозможат 24-часовен мониторинг на воздухот

„Од Општина Кисела Вода побаравме да овозможат мерната станица во дворот на Усје да мери 24/7 јавно и во реално време, со директна интеграција во апликации за квалитет на воздух (AirCare и др.). Еве што ни одговорија: „Мерните станици нема да можат да се интегрираат во апликацијата AirCare на МЖСПП, бидејќи не располагаат со систем кој поддржува 24/7 часовна достапност на податоците од истата”, велат од иницијативата.

Од иницијативата тврдат дека проблемот не лежи во опремата, туку во одлуката на институциите информациите да не ѝ бидат целосно достапни на јавноста и затоа го отфрлија одговорот на Општината како неточен, бидејќи, како што велат, техничките спецификации на конкретниот модел на мерната станица поддржуваат постојан онлајн пренос на податоци преку мобилен интернет и останати комуникациски канали.

ФОТО | „Станете граѓани, ни ги трујат децата“: Граѓаните протестираа за затворање на цементарницата

Оттаму додаваат дека уредот има можност да мери не само ПМ10 и ПМ2,5 честички, туку и сулфур диоксид и азотни оксиди, гасови кои, како што велат од „Стоп за Усје“, се поврзуваат со согорување на петролкокс и јаглен.

„Тоа е лага, а вистината е ова: Мерната станица е „Aeroqual AQS-1“, уред кој поддржува 24/7 онлајн пренос на податоци преку „Вај-Фај“, 4-Џи, „LAN“, „Cloud“ и „API“. Овој уред може да мери не само PM10, PM2.5, туку и SO₂ и NOx – гасови типични за согорување на петролкокс и јаглен што ги гори Усје, кои моментално не се прикажуваат!“, се вели во соопштението.

Од „Стоп за Усје“ велат дека институциите наместо да објавуваат континуирани податоци во реално време, тие објавуваат, како што велат, селективни дневни извештаи во ПДФ-формат, што според иницијативата, не претставува вистинска транспарентност.

Фото: „Стоп за Усје“

Наместо јавни податоци во реално време, институциите објавуваат рачно напишани селективни дневни ПДФ-извештаи. Тоа не е транспарентност. Проблемот не е технологијата, туку одлуката податоците да се кријат“, велат од „Стоп за Усје“.

ВИДЕО+ГАЛЕРИЈА | „Профит за Усје, болест за народот“: Граѓанска блокада на Цементарница

Од иницијативата потсетија дека мерната станица била поставена во 2024 година, во мандатот на поранешниот градоначалник на Кисела Вода, сегашен градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој тогаш, како што пишуваат од „Стоп за Усје“, изјавил дека здравјето на граѓаните мора да биде на прво место и дека е потребен неселективен ангажман на градските и централните власти.

„Сега е 2026 година – кој е на потег? Бараме одговорност сега! Ова е борба против систем што нè жртвува за профит. Институциите не нè штитат нас, го штитат Усје“, велат од „Стоп за Усје“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот