Стојановски: Нека не остават сами да работиме и ќе видите дека ЈСП може да опстојува
Доколку до понеделник вработените во ЈСП не ја земат декемвриската плата, што според синдикатите во претпријатието зависи од тоа дали Советот на Град Скопје дотогаш ќе одржи итна седница и ќе гласа за предвидените субвенции за ЈСП за 2024 година, во понеделник по вторпат во последните две години Скопје ќе остане без јавен превоз.
Препорачано
За проблемите со кои се соочува претпријатието, според претседателот на еден од трите синдикати во ЈСП, Миќо Стојановски, решението е едноставно, да се остави претпријатието само да работи и само да остварува профит.
Не ни треба Советот на Град Скопје, не ни треба Град Скопје, нека не остават нас самите да си го остваруваме приходот. Не бараме ни субвенции, не бараме никаква помош од Градот и државата. Нека не остават ние да управуваме со нашето претпријатие како што беше пред да почне плурализмот и демократијата. Сега за што важиме ние? И не само ние, туку и другите јавни претпријатија каде што се примаат партиски кадри, пријателски кадри, каде што на несоодветни работни места работат луѓе, меѓутоа мораме и нив да ги штитиме, тие се наши колеги. Значи не бараме ништо, оставете не сами да работиме, сами да креираме политика, сами да креираме тарифен систем, систем на линии, цена на билетот и ќе видите дека можеме самите да опстојуваме. Вака одлучува друг за нас – нагласи Стојановски на денешната прес конференција.


