Стојановски и Ѓуроски ги следат препораките, остануваат во Франција!

фото: kfsm.mk

По препорака на клубовите за кои настапуваат во овој момент, нашите репрезентативци, засега, нема да ја напуштат земјата на „галските петлиња“ во која исто така има заразени од коронавирусот.

Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски ќе останат во Франција. Едниот во Данкерк, другиот во Евре, затоа што препорака на нивните клубови треба да го следат токму тоа „упатство“, креирано поради присуство на коронавирусот и во овој дел од Стариот континент.

– Препораките од клубот се дека мора да чекаме, односно не смееме да си заминеме од тука. Мора да сме дел од екипата, дури и во едни вакви околности“ – порачува од Данкерк, Војдан Стојановски.

Добра околност е, како што вели капитенот на нашиот национален тим, дека во оваа приморска област во Франција нема заразени луѓе со вирусот.

фото: kfsm.mk

– Тука нема заразени од вирусот, веројатно и затоа луѓето од клубот сметаат дека е најдобро да останеме тука.

Војдан вели дека е крајно неизвесно што ќе се случува во наредниот период. Особено што во текот на вчерашниот ден од неговиот клуб Гравелин и официјално беше објавено дека средбата со Орлеан која е дел од 26. коло во ПРО А, и која требаше да се одигра во сабота навечер, е одложена за неодредено време.

– Ќе видиме што ќе се случува во наредните денови. Секако, се соочуваме со една голема неизвесност. Не се знае ништо официјално. Некои велат дека постои шанса лигата да биде прекината, но…веројатно е прерано да се носат некои такви констатации – смета Стојановски.

Во моментот на овој прекин во елитниот фрацускиот шампионат, има уште осум кола за доигрување. А Гравелин Данкерк е на 17.место на табелата, со скор (7-18), или една победа помалку во однос на конкурентите, Роан односно Булазак (двете со ефект 8-17).

А многу неизвесни моменти има и во Евре, каде е вториот наш „Французин“ Стојан Ѓуроски.

Репрезентативното крило вели дека главната вест во овој момент е дека остануваат таму каде што се.

фото: kfsm.mk

– Сега за сега, што се вели, остануваме тука. Веројатно за две недели ќе се знае што и како. Секако под услов ако дотогаш не се смени ситуацијата која никако не е добра. Сè е блокирано, па дури и некој да сака да си замине од Франција, сега не би можел да го направи тоа. Се разбира, сето ова доаѓа неочекувано за сите, и навистина веќе ништо не може да биде изненадувачки. Ќе чекаме на наредните информации, друго нема – вели Ѓуроски кој заедно со соиграчите пред некоја вечер го одигра мечот од 23. коло од француската ПРО Б лига, кога беа подобри од Руен на гостински терен.

Во ПРО Б лигата, со ефект (9-14), Евре е позициониран на делба на 14.место, заедно со екипата на Гри-Оберхофен и О-Мориен. Зад нив се уште и: Сан Квентин со ефект 7-16, и веќе испаднатиот Поитиер кој има 2-21.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот