Стил на неделата: Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“

Ана Бунтеска, поетеса, за „Женски печат“ одбра стил на неделата, а според неа тоа е Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“.

– Жена со стил е жена која знае да си ја носи душата на мегдан, онаа која во очите ја има жедта за животот и која знае што со себе. Токму таа, која не се плаши да го каже својот став и мислење, која говори гласно, која е секогаш исправена дури и тогаш кога плеќите ѝ крцкаат од обврски. За мене, жената со стил е најмалку онаа која е спастрена со фризура, или на себе има брендирана облека. Имав голема дилема при изборот на само една единствена за која ќе кажам неколку зборa. Ја одбрав Татјана Алексиќ, една навидум кревка, а жена змеј, професорка во средно училиште и тоа онаква каква што им е потребна на децата во тие чувствителни години – педагог, професорка, другарка.

Фотографија – Мики Трајковски Манца

Татјана ја запознав пред скоро две години и на прв поглед не можев ниту годините да ѝ ги одредам, само знаев дека потполно ме плени со својата раскошна внатрешна убавина. Знае наизуст да каже реплики од познати, па и непознати дела, знае да говори без срам за сексот (го лансираше проектот „Сексуална азбука“, н.з) и да ја подигнува свеста за сите табу теми поврзани со него. Духовита, елоквентна, со сјај во очите и страст кога зборува на која било тема. Покрај неа, ми се потврди тоа што го знаев, а тоа е дека кога жената е сигурна во себе, кога е свесна за себе и за она што го поседува, не паметите дали при средбата била со фатена или пуштена коса, дали носела фустан или панталони, високи потпетици или едноставни старки. Ја имав честа да биде дел од мојата промоција и ја имам честа да ја наречам пријателка. Стилот, оној внатрешниот, се гради низ животот со внимание и посветеност, без страв и со голема храброст да се изживее пред налетите на малограѓанштината и нејзините вкалапувања, вели поетесата Бунтеска.

Ана Бунтеска

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот