­Стара скопска чаршија 2025 фото: Слободен Печат /Агнеса Чаволи

Старата скопска чаршија 2025: Дали ја чуваме или ја продаваме? (2)

Старата скопска чаршија е едно од најзначајните културни наследства во државата. Со закон од 2008 година е прогласена за културно наследство од особено значење, со строги правила: не смее да се руши, не смее да се менува урбанат­а структура, не смее да се градат гломазни објекти во нејзина близина. Прашањето што денес станува поважно од кога било е: дали ја чуваме Чаршијата или ја униш­туваме со секој нов багер, со секоја дивоградба, со секој молк на институциите?

Стара скопска чаршија/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

 

ГЛАС

За да се добие целосната слика, разговаравме со луѓе што секојдневно живеат и работат во Старата скопска чаршија, меѓу кои архитект и урбанист.

– Јас сум трета генерација. Мојот дедо тука работеше, татко ми исто. Хотелите и дивоградбите нè притискаат, туристите мислат дека ова е пазар за сувенири, а не културно наследство – вели Исмет, занаетчија со повеќе од 40 години искуство.

Урбанистката Маја Доновски Лукаревска, која долги години се занимава со урбанистичко планирање, нагласува дека чаршиите во градовите не се само обични трговски зони, туку „едни од најкарактеристичните елементи од урбаното наследство“, бидејќи во себе содржат „мноштво испреплетени компоненти“ какви што се: историја, култура, економија, социјален живот и сл.

Стара скопска чаршија/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Таа додаде дека зачувувањето на автентичноста е можно само преку внимателно планирање и дефинирање јасни урбанистички одредби.

– Планерите ја спроведуваат автентичноста преку утврдување плански одредби со кои ги заштитуваат карактеристичните архитектонски и урбанистички уникатности што го чинат значењето на Чаршијата.

Според неа, адаптацијата се постигнува „преку ревитализација на постојните јавни простори, планирање на „живи“ јавни простори, џебни социјални места и културолошки платформи, со што Чаршијата станува повторно сцена на социјалниот живот, а не само туристичка атракција.

– Сѐ она што ја нарушува автентичноста… е токму она што има корозивен ефект кон Чаршијата како целина – вели таа.

Стара скопска чаршија/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

За Маја, како урбанист, ова подразбира несоодветна архитектура – градби што не се вклопуваат по изглед, пропорција, волумен или материјали, но и непромислени реконструкции, огради или поплочувања кои го нарушуваат карактерот на просторот.

– Задачата на урбанистите е „да ги мапираат клучните точки во кои професијата може да дејствува“, односно да создадат стратегии со кои ќе се заштити културното наследство, а истовремено ќе се овозможи современа употреба на просторот – така што Чаршијата ќе остане жива, функционална и идентификациска точка на градот – додава нашата соговорничка.

Архитектот Бекир Адеми го гледа проблемот на Старата скопска чаршија низ поинаков, но еднакво важен агол – аголот на институционалната немоќ и професионалната фрустрација.

– Прво што ми паѓа на ум, пред сè како архитект, а потоа како жител на овој дел од градот, е како да се смогнат сили… едногласно да се расчисти дилемата дека со архитектонско културно наследство од ваков тип нема калкулации – вели Адеми.

Стара скопска чаршија/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Тој строго се држи кон ставот дека заштитата на Чаршијата мора да биде приоритет на највисоко институционално и општествено ниво. А моменталната состојба е резултат на „испреплетеноста на надлежностите, политиката, бизнисот, институциите, корисниците, еснафот, туристите…

Според него, иако постои стручност и волја, бирократските пречки и конфликтите меѓу институциите често резултираат со „пустош во заштитените зони“, наместо со вистинска грижа за наследството.

За него Чаршијата претставува мозаик од различни типологии и спомени, интегрирани во една хармонична целина, која бара индивидуален пристап кон секој објект посебно:

– Мноштвото типологии (внатрешни и надворешни) интегрирани во една совршена просторна и урбанистичка целина налага индивидуален пристап на реконструкција, адаптација, реставрација и тоа кон секој објект посебно – вели Адеми.

Тој верува дека иднината на Старата скопска чаршија лежи во нејзината разновидност – во почитта кон секој занает, секој објект и секој спомен што го носи нејзината историја, и само на тој начин може да се создаде вистински мост меѓу минатото и иднината, кој ќе ја одржи Чаршијата жива и значајна за генерациите што доаѓаат.

Репродукција од Франта Мали со мотив од Старата скопска чаршија

Јас го споделив моето мислење.
А вие вашето!?

Дали ја чуваме или ја продаваме? Дали ја негуваме или ја бетонираме?

Ако одговорот продолжи да биде ова второто, тогаш треба да признаеме дека сме град без меморија. А град без меморија е само бетон и пластика, без душа.

­Стара скопска чаршија 2025: Законите постојат – ама само на хартија (1)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот