Стан на Град Скопје од денеска е шелтер-центар за жртви на семејно насилство
Официјално е отворен нов шелтер-центар наменет за заштита и поддршка на жртви на семејно насилство, сместен во стан во сопственост на Град Скопје, кој е отстапен на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство „Глас против насилство“.
Препорачано
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и извршниата директорка на Националната мрежа, Елена Димушевска, потпишаа договор и извршија примопредавање на станот.
Овој простор е засолниште, надеж и нова шанса. Место каде што стравот полека се заменува со сигурност, каде што тишината добива глас, а болката, разбирање. Со обезбедување на соодветни услови за работа и згрижување, ги зајакнуваме сервисите кои секојдневно обезбедуваат директна помош, советување, заштита и поддршка на жртвите. Од безбедносни причини и за заштита на корисниците, локацијата на станот останува строго доверлива, вели градоначалникот.
Според него, оваа мерка е дел од пошироката визија – да се изгради Скопје како безбедна, солидарна и инклузивна заедница, во која секој човек знае дека не е сам и дека постои систем што ќе го заштити и поддржи во најтешките моменти.
Паралелно, преку јавниот повик за финансирање на здруженија, невладини организации и фондации, обезбедивме средства за сите сервиси за поддршка од превенција до директна заштита. Така обезбедуваме континуитет во работата на организациите кои се првата линија на помош и го зајакнуваме партнерството меѓу институциите и граѓанскиот сектор, истакна Ѓорѓиевски.


