ССК со 78 економски мерки, Владата вети рокови за реализација

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) на традиционалниот „Деловен појадок со претседателот на Владата “ достави пакет од 78 мерки во функција на подобрување на секојдневното работење на компаниите и деловната клима во земјата.

Претседателот на Сојузот, г-ѓаДанела Арсовска, претседателот на Владата г. Зоран Заев  и заменик претседателот на Владата заедолжен за економски прашања, г. Кочо Анѓушев, во присуство на деловната заедница, дипломатскиот кор, ресорни министри, претседатели на комори, во своите официјални обраќања ja истакнаа важноста од активно вклучување на Сојузот, во креирање политики за создавање на подобри услови за деловната заедница со континуирано јакнење на јавно приватниот дијалог, а со тоа и на делување за раст и развој на националната економија.

Пораката која деловната заедница ја упатува со економските мерки на годинешниот Деловен појадок, сублимирано е да се спроведе сериозна борба со сивата економија, да се елиминираат големиот број парафискални давачки кои го оптоваруваат стопанството, да се создадат стабилни услови за водење бизнис за да се охрабрат претпримачите и граѓаните да инвестираат и да работат  во приватен сектор, кој треба да биде двигател на економскиот раст во земјата, рече Арсовска во своето обраќање.

„Сојузот подготви пакет од 78 економски мерки кои се однесуваат на  измена на законската регулатива,  административните бариери и парафискалните давачки кои се голем предизвик во секојдневието на приватниот сектор, неопходност од дигитализација, поддршка на компаниите во надворешната и внатрешна трговија, индустријата и градежништвото. Секоја од предложените мерки е утврдена согласно истакнати реални предизвици со кои се соочуваат компаниите, а врз основа на соодветна анализа, позитивни деловни практики и компаративни искуства во областа, изјави Арсовска и доби ветување од претседателот и заменик претседателот на Владата дека на истите сериозно ќе се пристапи и сооодветно реагира со точно утврдени рокови за реализација.

Во своето обраќање претседателот на Владата, Заев, упати апел до компаниите  оваа година да ги искористат сите можности кои се понудени преку Планот за економски раст и Законот за државна помош за што годинава од Буџетот се издвоени 70 милиони евра за поддршка и за развој на приватниот сектор и за домашните и странските компании.

– Користете ги буџетските пари за поддршка на домашното стопанство, тие ќе бидат се поголеми и поголеми. Благодарение на вашето укажување се направени дополнителни флексибилни методи и мерки за да може да аплицираат повеќе компании, за да искористат уште повеќе од овие средства, порача Заев.

Го најави, она на кое работеле неговиот кабинет и МНР, конечно во пракса да се отвори фондот од 200 милиони евра од Грција.

–  Тоа е фонд за Србија и за Северна Македонија, веројатно меѓу 70 и 80 милиони евра се грантови годишно за Република Северна Македонија. Ние насочивме дека најголем дел од овие пари да одат во малите и средните претприајтија за покривање и грантирање на нивни бизнис проекти. Еден помал дел ќе оди за екологија, заштеда на енергија и инвестирање во обновливи извори на енергија, рече Заев. Додаде дека е на располагање и оти внимателно ќе ги ислуша барањата на компаниите.

Тој додаде дека и оваа година со измените на Законот ги олесниле критериумите. со тоа што и трговските компании, кои реализираат производство стануваат корисници, исто така и компаниите од ИТ индустријата, како и компаниите од преработувачката индустрија од земјоделството, мерки кои биле предлози и од Сојузот.

Заменик претседателот на Владата, Анѓушев ги информираше присутните за досегашните резултати од реформите, странските инвестиции кои веќе започнаа со инвестициониот процес, новата Чешка инвестиција, планираниот тендер за изградба на фотоволтаици, како и новите мерки за стучно усовршување на кадарот.

– „Локо Транс” ќе гради фабрика во Гази Баба, во индустрискиот дел на Скопје. Ќе изгради фабрика за шински возила со вредност од 20 милиони евра, рече Анѓушев, додавајќи дека подготовките за оваа инвестиција се одвивале веќе една година. Во оваа програма, како што рече, ќе бидат опфатени и вработените од „Колска” бидејќи се во тешка ситуација. Прво ќе бидат упатени на обука, а потоа ќе бидат примени на работа во новата фабрика.

На Деловниот појадок претседателството на Сојузот ги елаборираше економските мерки кои треба да се превземат за подобрување на деловниот амбиентот. Сојузот на стопански комори е познат по своите значајни достигнувања во креирањето економски мерки базирани на анализи на предизвиците и конкретни предлози за нивно надминување, мерки кои во изминатите години имаa и до 80% реализација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот