Српските медиуми „Нова“ и „Н1“ бараат „Јунајтед груп“ да ги откупи: Се плашат дека Вучиќ може да вмеша прсти во нивната уредувачка политика
Порталот и весникот „Нова“ се приклучуваат на иницијативата на колегите од сестринските медиуми „ТВ Н1“ и „ТВ Нова“ со предлог нивните редакции да бидат откупени од „Јунајтед груп“ – по пазарни принципи, со финансиска поддршка од кредибилни надворешни инвеститори, објави „Н1“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Како што наведоа, по промените во менаџментот на „Јунајтед груп“, јавноста беше информирана дека во одлучувањето за иднината на медиумите на „Јунајтед медија“ можеби ќе бидат вклучени луѓе надвор од компанијата, конкретно претседателот на Србија и извршната власт, како и директорот на „Телеком Србија“, Владимир Лучиќ.
— Самиот претседател уште во февруари годинава изјави дека „Јунајтед груп“ не обезбедила финансирање и дека во ноември ќе следуваат отпуштања на новинари. Со оглед на тоа дека ноември е период кога се усвојуваат конечните буџети за 2026 година, но и долгорочните планови за наредните пет години, време е ова прашање итно да се реши. Затоа, како и во случајот со Н1, предлагаме спроведување на менаџерско преземање, односно откуп на порталот и весникот „Нова“ од „Јунајтед груп“ — велат од медиумот.
Целта е јасна, велат, институционална и уредничка заштита и независност на овие медиуми врз одржливи принципи, во согласност со најдобрите европски практики. Во тој случај, додаваат, раководството на редакцијата би ја презело одговорноста и корпоративното управување, со што би се спречило политичко или бизнис влијание врз уредувачката политика.
— Тоа им го должиме на читателите, чиишто бројки се мерат во милиони, и на нашите колеги новинари, уредници, фоторепортери, монтажери, а на крај и на јавноста која ни беше верна сите овие години и чијашто доверба не сакаме да ја изгубиме. Сакаме да работиме врз одржливи, регуларни и професионални принципи, со транспарентно сопствеништво на компанијата – односно на нашата медиумска куќа — се наведува во соопштението.
Соопштението е потпишано од главните уредници на весникот и порталот „Нова“ – Ранко Пивљанин и Михаило Јовиќевиќ.


