Србинка намамена на брак во Италија, завршила како сексуална робинка, се отрула за да побегне

Србинка на возраст од 22 години, која семејството на нејзиниот иден сопруг ја држел во заробеништво во Болоња, се спасила откако роднина на нејзините киднапери ја посоветувал да се отруе за да стаса до болница, пренесува италијанскиот портал „Ил ресто дел карлино“.

Четиричленото семејство кое живее во Италија е уапсено под сомнение дека ја намамиле и ја држеле во заробеништво 22-годишната девојка, која ја присилиле на проституција и питачење.  Уапсени се идниот „сопруг“ Максун, неговиот брат, мајката и очувот.

– Жртвата го запознала Максун преку Фејсбук и се вљубила во него, а тој ѝ ветувал брак. Бидејќи потекнувала од екстремно сиромашно семејство, во јануари, и покрај противењето на нејзините родители, таа заминала во Италија, надевајќи се на венчавка и на подобар живот, а всушност станала робинка на ова семејство кое со години живее во Болоња – пренеле италијанските медиуми.

– Само што пристигнала во земјата, ѝ биле одземени телефонот и пасошот, ѝ забраниле да ја напушта куќата, не смеела да оди сама во тоалет, а мораше да чисти. Тие брзо почнале да ја присилуваат на проституција и просење, а од неа барале да им заработи 400 евра, колку што ѝ пратил лажниот младоженец за да допатува во Италија, за да ја ослободат – пренесуваат медиумите.

Свекрвата на несреќната девојка ѝ ги одредувала и оброците.

Дневно смеела да има еден оброк и шест цигари. Како што пренесува „Болоња денес“, за 15 дена изгубила 30 кг.

Роднина на семејството, во текот на една посета, забележал што се случува и ја посоветувал девојката како да се ослободи.

– Преправај се дека си болна, за да мора да те однесат во болница. Кога ќе стасаш таму, само бегај – наводно ѝ рекол роднината. Несреќната девојка се преправала дека е болна, но по секоја жалба ја тепале.

– На 1 февруари таа одлучила да испие детергент за да ѝ се слоши. Добила грчеви и температура, а киднаперите загрижени дека има коронавирус и дека ќе ги зарази, повикале брза помош. Кога пристигнала во болницата, им објаснила на лекарите низ каква тортура поминувала, па тие ја известиле полицијата – пренесуваат медиумите.

Нејзината изјава ја потврдил и роднината на уапсените кој отишол во полиција и ги раскажал своите сознанија.

– Полицијата два месеца водела истрага, а во тој период биле прислушкувани и разговорите на семејството, па успеале да соберат доволно докази. Приведена била и девојката на братот на Максун, Италијанка, на која семејството на момчето ѝ рекло што да каже. Таа давала лажни изјави, но тоа не помогнало – наведуваат медиумите и додаваат дека четворицата уапсени се обвинети за киднапирање, неовластено затворање, принудување на просење и проституција.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот