Србија во несуденото финале подобра од САД – Слободен печат
КошаркаСпорт

Србија во несуденото финале подобра од САД

Селекцијата на Србија во борбата за пласман од 5. до 8. место на Мундобаскетот во Кина со 94:89 го совлада САД.

Иако пред стартот на Светското првенство во Кина, сите стручњаци ги видоа во финалето и како главни фаворити за титулата, селекциите на Србија и на САД мораа да се задоволат со пресметка за пласман од 5. до 8. место. Двата големи фаворити изненадувачки беа поразени во четвртфиналето од Аргентина, односно Франција, но не изостана нивна меѓусебна пресметка.

Србија со 94:89 го совлада САД и ќе игра за петтото место на Мундобаскетот. Натпреварот започна со неверојатна игра на српските кошаркари кои првите десет минути ги решија во своја корист со неверојатни 32:7.

Но, во втората четвртина затаи шутот за три поени и веднаш почнаа проблемите за Србија иако во првите неколку минути од четвртината успеваа да ја одржуваат предноста. Но потоа следеше голем пад во играта, исто како што им се случи и на дуелот со Шпанија, и Американците предводени од Крис Мидлтон брзо ја стопија предноста, ја добија четвртина со 33:12 и на полувреме се замина со минимална предност од 44:40 за Србија.

Во второто полувреме имаше далеку поголема неизвесност но константно водство на Србија чија предност се движеше од два па се до десет поени. Во последната четвртина, Србија дојде и до плус 13, предност која Американците не успеаја да ја стигнат и на крајот се поразени со 94:89.

Предводник на Србија во победата беше Богдан Богдановиќ со 28 поени, а Владимир Лучиќ постина 15 поени, додека кај репрезентацијата на САД, се истакнаа Харисон Барнс со 22 поени и Кемба Вокер со 16 поени.

Во борбата за петтото место, Србија ќе игра со победникот од дуелот помеѓу Полска и Чешка, додека поразениот од истиот дуел ќе игра со САД за седмата позиција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close