Извор: Илустрација. А.Л Klix.ba

Србија отвора фабрика за дронови со контроверзна израелска фирма — Жељко Митровиќ е вклучен во проектот

Србија договори производство на дронови на своја територија со израелскиот воен гигант „Елбит системс“, компанија која со години е критикувана поради својата улога во израелските воени операции во Газа и на Западниот Брег, пренесе „Нова“.

– Наскоро ја отвораме првата фабрика за сериозни дронови овде во нашата земја, многу сериозни, од најсериозното светско производство – изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 7 март оваа година.

Вучиќ претходно наведе дека Србија ќе ја отвори фабриката со странски партнер, и тоа од Израел, како и дека фабриката би можела да почне со работа веќе во април, но не го откри името на компанијата.

БИРН и „Хаарец“ откриваат дека станува збор за „Елбит системс“, најголемата израелска воена компанија, која со години е мета на критики поради учеството во израелските операции во Газа и на Западниот Брег.

„Елбит“ ќе има 51 отсто сопственост во фабриката за дронови, додека, пак, 49 отсто ќе има домашниот „Југоимпорт СДПР“.

Специјалната известувачка на ОН за окупираните палестински територии, Франческа Албанезе, во извештај од јуни 2025 година наведува дека „Елбит“ е меѓу компаниите што профитираат од „геноцидот што трае“ во Газа, каде што, од нападот на Хамас во октомври 2023 година, во израелските воени операции загинале повеќе од 70.000 Палестинци.

Според документите до кои дошле БИРН и „Хаарец“, како и наводите на два независни извори, се планира производство на два вида дронови – за блиски и за далечни мисии.

Израел ќе и испорача оружје на Србија како благодарност за испораката на муниција

Објектот ќе биде изнајмен од фирма на сопственикот на „Пинк“

Фабриката би требало да биде сместена во објект во Шимановци, кој ќе биде изнајмен од фирма на сопственикот на „Пинк“, Жељко Митровиќ.

Израел и Србија веќе имаат развиена соработка во областа на вооружувањето. Вредноста на извозот на муниција и оружје од Србија во Израел од 2023 година пораснала дури 42 пати и на крајот на минатата година достигнала 114 милиони евра, и покрај бројните апели на експерти на Обединетите нации продажбата на воена опрема на Израел да биде запрена.

Поголемиот дел од овој извоз бил реализиран токму преку СДПР.

Вук Вуксановиќ, предавач на Одделот за воени студии на „Кингс колеџ“ во Лондон, вели дека мотивите на Србија се потенцијалната заработка од продажбата на тие дронови, но и пристапот до технологијата и знаењето на една од најнапредните воени компании. Израел, од друга страна, настојува да си обезбеди „синџир на снабдување надвор од својот двор, кој постојано е во конфликтна зона“.

Вуксановиќ истакнува дека Србија и натаму геополитички балансира, но некои адреси стануваат поважни, во овој случај Израел, бидејќи власта го гледа како „краток пат до Белата куќа“.

„Главниот приоритет на владејачката елита е да остане на власт, а за да го постигне тоа, важно е да не влезе во судир со Американците, особено во контекст на неодамнешните потези на Трамп на глобалната сцена“, наведува тој за БИРН.

СДПР не одговорил на новинарските прашања, додека од „Елбит“ кусо одговориле: „Без коментар“.

Сеприсутни машини за убивање“

Израелско-српското производство на дронови ќе биде сместено во Шимановци, околу 30 километри западно од Белград, во објект во сопственост на „Пинк медиа груп“.

Според документите во кои БИРН имал увид, а кои ги потврдиле два независни извори блиски до воената индустрија, планирано е производство на два вида дронови – краткодометен модел со голема носивост и со ротациони крила, и понапреден и побрз модел со долг дострел, кој може да лета на височини од повеќе од шест километри.

Извор упатен во договорот вели дека долгодометниот дрон е „понапреден“ од „Пегаз“, борбено-извидувачки дрон што Србија веќе го произведува.

„Има поголема висина на лет и поголема оперативна автономија. Суштината на целата приказна е трансферот на технологија, бидејќи и нашите инженери ќе работат на тоа, а тој дрон всушност е круна на целиот проект“, наведува тој.

Според изворот на БИРН, експерти од „Утва“, фабрика за авиони во сопственост на СДПР, исто така ќе бидат вклучени во процесот.

Србија купува оружје од Израел за 335 милиони долари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот