Србија доминира во регионот во набавката на оружје
Македонија е позитивен пример во регионот затоа што објавува какво оружје планира да набави исто како и Хрватска, беше истакнато меѓу другото на денешната конференција на „Нова економија“ и Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ) која се одржа во аероклубот во Белград под наслов „Цената на безбедноста“.
Препорачано
Директорката на „Нова економија“ Билјана Степановиќ ја отвори конференцијата чија цел беше дискусија на темите како земјите се вооружуваат, колку средства трошат за таа намена, со кои цели и ефекти.
-Има многу дезинформации. Што се однесува на Србија, не само што постојат многу дезинформации туку и од највисоките инстанци на државата. Тие информации, дезинформации, полуинформации се користат за политички цели, за застрашување, рече таа.
Србија и понатаму останува доминантна во регионот во набавката на оружје, поради големата војска и големите амбиции да покрие поголем број на воени способности во однос на другите држави во регионот, за што годишно издвојува 6,4 проценти од буџетот за оваа намена. Увозот на оружје во Србија последните години е поголем од сите други држави на Западен Балкан, констатираат истражувачите.
-Податоците за увозот на оружје, покажуваат дека во Србија тој во 5 години бил 15 пати поголем отколку во другите држави на Западен Балкан. Тука спаѓаат и вредните набавки како борбени авиони, транспортни авиони и системи за противвоздушна одбрана. Другите држави го немаат тоа и решија дека не сакаат да го имаат, барем оние кои се членки на НАТО, нему му ја препуштија одбраната на воздушниот простор, истакна Катерина Ѓокиќ, истражувачка на СИПРИ.
Ѓокиќ додаде дека меѓу 2020 и 2024 година Србија потрошила 9 пати повеќе средства за вооружување од Албанија. Сите држави од регионот со исклучок на Босна, последните 5 години го зголемуваат буџетот за набавка на оружје што е и обврска со влезот во НАТО. Има два начини да се набави оружје – со јавна набавка и преку донација. Донациите, како што беше истакнато на конференцијата, за Србија имаат важна улога бидејќи доаѓаат во критични ситуации. Стана збор и за потребата да се одржи транспарентноста, која се однесува на тоа државите да се известуваат една со друга како и ОН за испорачаното вооружување.
Воениот аналитичар и новинар на Klix.ba Дејан Џебиќ посочи дека воениот договор што пред околу 1 година го потпишаа Хрватска, Албанија и Косово не е класичен, туку претставува начин за група држави да го либерализираат бирократскиот сегмент за набавка на воена опрема.
-Набавката на оружје во Србија предизвикува сигурносна дилема за целиот регион. Србија набавува оружје на кое не може да му се парира, на пример балистички ракети од Кина, кои ги имаат само Русија и Србија. Затоа вооружувањето на Србија не е само регионално, туку и континентално прашање, зашто досегот на ракетите е 300 километри, но упатени од авион достигнуваат и 450-500 километри. Транспарентноста на набавките е минимална што е карактеристика за набавките од Кина, рече тој.
Вишиот соработник на Центарот за меѓународни и безбедносни работи ИСАК фонд, Игор Новаковиќ посочи дека има голема доверба во војската поради искуството со бомбардирањето во 1999 година. Според него Србија е во проблематична состојба поради својата „воена неутралност во однос на постоечките воени сојузи“, но што значи оваа неутралност не е детално објаснето никогаш. Тој зборуваше и дека вистинската дебата е за тоа каде оди Србија.
-Во биполарноста меѓу Кина и САД, каде се наоѓаме ние? Како ќе набавуваме во случај на интензивна криза во светот и кој ни гарантира испорака? Има системи кои се платени а не се испорачани, рече меѓу другото тој.
Истражувачот на СИПРИ Шао Лианг претставувајќи ги наодите за светските трендови во воената потрошувачка за 2025 година истакна дека во 2025 година на вооружување се потрошени 2,8 милијарди долари што е за 2,9 проценти повеќе споредено со 2024 година. Во 2025 година најголемите потрошувачи биле САД, Кина и Русија.

Лани најголем потрошувач на оружје биле Соединетите американски држави. Во светот најголем процент од бруто домашниот производ на вооружување троши Украина, 40 проценти.
-По Студената војна светската потрошувачка е намалена, но дојде до раст во 2001 година особено во САД после нападот од 11 септември. Потоа потрошувачката повторно падна во 2010 година поради економската криза, за да почне да расте особено во Европа после руската инвазија врз Украина во 2022 година, посочи тој.
На конференцијата се обрати амбасадорката на Шведска во Србија Шарлот Сабина Самелин, истакна дека со проектот се јакне капацитетот на новинарите и граѓанското општество.
-Учесниците создадоа околу десет длабински анализи и истражувачки стории користејќи ги податоците и методологијата на СИПРИ. Сметам дека ова е конкретен и импресивен резултат. Проектот креираше и прекугранична мрежа која се надевам ќе продолжи да поддржува соработка и дијалог во регионот, истакна амбасадорката. Директорката за комуникации во СИПРИ, Стефани Бленкнер додаде дека нивната база за вооружување е глобално цитирана референца.


