Како се снаоѓа нашата армија во трката со оружје?
Македонската армија набавува оружје со забрзано темпо. Опремувањето се реализира со силна динамика, а клучна алка во тоа е зголемениот буџет. Сепак, овој процес е сложен и полн со предизвици.
Со пристигнувањето на првите американски оклопни возила „страјкер“, македонската армија влегува во најсложената и најскапата етапа на трансформација во својата историја.
Препорачано
Државата е притисната меѓу новите ригорозни барања на НАТО од Самитот во Хаг, огромната регионална трка во вооружување тешка 63 милијарди евра, а и од макотрпниот предизвик на терен – како да се спроведе оваа радикална промена без да се создаде „оперативен вакуум“ во безбедноста.
Според податоците од шведскиот реномиран институт СИПРИ, американската и турската поддршка се клучни за нашата земја. Забележана е нарачка на 96 американски лесни оклопни возила Л-АТВ (JLTV верзија) од кои дури 67 се веќе доставени во етапи низ 2022, 2023, 2024 и 2025 година, при што се нотира дека зделката е „делумно финансирана преку американска помош“. Официјалните податоци покажуваат дека парите од буџетот се насочени и кон поголемите оклопни возила „страјкер“, каде што договорот е проценет на 210 милиони долари.
Паралелно со американските оклопни средства, турската соработка се рефлектира преку обновата на артилеријата, со нарачка на 18 турски влечни хаубици „боран 105 мм“ направена во 2023 година. Од нив, првите 6 парчиња се веќе испорачани во 2025 година, додека целосната испорака е планирана да се реализира до 2031 година.
Но, процесот на набавка на оружје се одвива со уште позабрзано темпо, потврдуваат и од Министерството за одбрана (МО). Оттаму за „Слободен печат“ објаснуваат дека опремувањето се реализира со силна динамика, а клучна алка во тоа е зголемениот буџет што ја следи кривата на раст забележана во базата за воени трошоци на СИПРИ.
„Нашата држава оваа година во согласност со НАТО-стандардот за утврдување на одбранбените трошоци за одбраната издвојува 2,18 отсто од македонскиот БДП (бруто-домашен производ). Од одбранбениот буџет што изнесува 358 милиони евра, 32,5 проценти се одвојуваат за процесот на опремување и модернизација, што гарантира дека процесот се движи и ќе продолжи да се движи според плановите“, велат од Министерството за одбрана.
Од МО додаваат дека Армијата континуирано се полни со нова опрема.
„Во однос на испораката на опремата, свесни сме за притисокот за набавка на воена опрема на глобално ниво. Но, факт е и дека нова опрема пристигнува во македонската Армија – од целосната набавка на лесните оклопни возила ‘Џи-ел-ти-ви’ (JLTV) и првата испорака на оклопните возила ‘страјкер’, до испораката на артилериските системи ‘боран’. Минатата година се испорачани и инженериски машини, опрема за уништување и онеспособување неексплодирани средства, како и друга опрема како дел од соработката со Европскиот мировен фонд. Годинава се очекува испораката на системите за противвоздушна одбрана (ПВО) ‘мистрал-3’, првата испорака на хеликоптерите од компанијата ‘Леонардо’, испорака на беспилотни системи и др.“, децидни се од Министерството.
Како војниците ќе се обучуваат?
Воениот аналитичар и поранешен полковник д-р Златко Кузманов нагласува дека оваа трансформација се темели на стратегиски документи, пред сè на Долгорочниот план за развој на одбранбените способности (ДПРОС 2023-2032).
– Од погоре изнесеното, станува сосема јасно дека системските промени се студиозен, макотрпен и сензибилен процес, за кој е потребно да се има стручен и искусен воен и цивилен персонал во МО и во Армијата, кој ќе ги изработува нацрт и предлог-верзиите од наведените документи, а кои понатаму ги разгледуваат и ги одобруваат носителите на политички функции во Владата, Собранието или претседателот – истакнува д-р Кузманов.
Тој открива дека Армијата има висок процент на пополнетост од околу 90 отсто, што е одлична основа, но предупредува на тежината на операцијата бидејќи истовремено се набавува сè – од артилерија и ПВО, до сајбер опрема и дронови.
– Модернизацијата и опремувањето на армиите, па и на нашата Армија, се спроведува врз основа на организацијата и формацијата на единиците и преку акциски планови. При договарањето за набавка на современи борбени системи и вооружување, задолжително се вклучени и клаузули со временски рокови за обука на кадарот, ракувачите и послугите на орудијата. Постои можност за упатување на обука на кадарот во државата од која се набавуваат средствата и техниката, или мобилни експертски тимови на производителот на вооружените системи да престојуваат во нашата држава и да ги обучуваат припадниците на Армијата – објаснува тој.
Секако дека, додава д-р Кузманов, овој процес е сложен и со предизвици, особено ако се има предвид дека истовремено се започнати повеќе постапки за воведување нови вооружени системи и средства во Армијата.
За да може да се одржува оваа скапа западна електроника, неопходни се инфраструктура и обучени луѓе. Министерството за одбрана отворено признава дека во минатото овој сегмент бил занемарен.
„Предвид треба да се има дека во минатото, иако се планирале и се вршеле набавки на опрема, не биле предвидени нови инфраструктурни капацитети и објекти, додека сега и се адаптираат и се проектираат такви капацитети,“ велат од МО.
Оттаму одаваат дека клучен фокус е ставен на кадарот.
„Според договорите за набавка на опрема, предвидена е и обука на кадарот што ќе оперира со истата. Тоа беше случај и за операторите со новите лесни оклопни возила ‘Џи-ел-ти-ви’ и оклопните возила ‘страјкер’, артилериските системи, а уште еден пример за тоа е дека во моментов припадници на Армијата (пилоти, инженери и техничари) се во Италија каде што се врши нивна обука“.
Дали Армијата ги чисти магацините преку Украина?
Додека се чекаат новите испораки, податоците од СИПРИ откриваат уште еден феномен, Македонија во изминатиов период се појавува во графата на „снабдувачи“ за Украина.
Податоците јасно бележат дека огромна количина старо советско оружје – 30 тенкови „Т-72“, 12 борбени хеликоптери „ми-24В“ и „ми-35“ и 4 авиони „су-25“ – е испратено како помош за Украина по руската инвазија.
На прашање од „Слободен печат“ дали поради ова прочистување на магацините се создава оперативен вакуум во борбената готовност додека да пристигне новото оружје, д-р Кузманов објаснува дека глобалната воена индустрија е преоптоварена и испораките одат бавно.
– Во принцип, замената на воената техника и вооружување треба да се спроведува етапно, постепено и да не се загрози во поголема мера борбената готовност на единиците. Воено-индустрискиот комплекс е во невидена експанзија, нарачките за вооружување се енормни и потребно е подолг период за да се произведе и да се испорача нарачаното – појаснува Кузманов, потсетувајќи дека набавката на „Џи-ел-ти-ви“ траела со години, а испораката на останатите системи е развлечена до 2026 и 2031 година.
За помалку упатените, оперативен вакуум претставува привремена безбедносна празнина која настанува кога армијата се ослободува од старото вооружување, а новото сѐ уште не е пристигнато или ставено во функција, со што привремено се намалува нејзината борбена готовност.
Околу судбината на остатокот од источното оружје, од Министерството ставаат акцент исклучиво на стандардите:
„Кога станува збор за опремата со која располага Армијата, укажуваме на тоа дека сета опрема која е во согласност со армиските потреби и стандарди, останува во оперативна употреба на Армијата“.
Спринтот на балканските маратонци
Сепак, најголемиот предизвик за македонскиот буџет не е само домашната транзиција, туку застрашувачката трка во вооружување во соседството.
– Генерално, во целиот свет се спроведува забрзана милитаризација. Бројките се шокантни! Се проценува дека во 2026 година во светот, трошоците за производство на вооружување ќе достигнат 3 трилиони долари – вели д-р Кузманов, посочувајќи дека регионот е директно погоден.
Домино-ефектот, додава тој не го заобиколува ниту регионот на Балканот.
– Споредувајќи ги податоците за издвојувањата за одбрана од 2018 година досега, за државите од Словенија до Грција и Турција, можеме да кажеме дека сите држави од регионот во 2018 година издвојувале околу 34 милијарди евра за одбрана, додека во 2025 година тој износ бил речиси двојно или околу 63 милијарди евра – објаснува воениот аналитичар.
Кузманов додава дека, додека воениот буџет на Македонија е 358 милиони евра, Србија и Бугарија трошат по 2,5 милијарди, Романија 9 милијарди, Грција 8,4 милијарди, а Турција околу 30 милијарди евра. Овие бројки се потврдуваат и во извештаите на СИПРИ, каде што за соседните земји се регистрирани нарачки на најсофистицирани ловци „рафал“, кинески ПВО-системи и борбени дронови.
Од Министерството за одбрана нагласуваат дека македонското опремување е, пред сè, за сопствените потреби, но ја нагласуваат регионалната стабилност.
„Потенцираме дека опремувањето и модернизацијата на Армијата е првенствено поради потребите на државата и исполнувањето на мисијата на Армијата како гарант на безбедноста на државата и на граѓаните. Секако дека овој процес е усогласен и со НАТО – Целите на способности, имајќи предвид дека државата и Армијата се составен дел од колективната одбрана на НАТО. Приоритет за нас останува и регионалната безбедност, зашто како една од земјите-членки на Алијансата од регионот, ние сме и еден од столбовите на регионалната стабилност“, велат од МО.
Трамп тежи врз регионот
Воениот експерт заклучува дека врз целата оваа регионална динамика лебди и новиот финансиски притисок наметнат од главниот сојузник – САД.
– Јавноста е запознаена со барањата и со притисоците на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, кон членките на НАТО, да издвојуваат до 5 отсто од БДП за одбрана. Во 2025 година на самитот на НАТО во Хаг и формално беше донесена таква одлука, која вклучува 3,5 отсто од БДП за основни одбранбени потреби и 1,5 отсто од БДП за инвестиции поврзани со одбраната и со безбедноста во наредните 10 години – потсетува Кузманов.
На крајот, д-р Кузманов испраќа клучна порака за тоа како држава како Македонија треба да се позиционира во овие времиња.
– Во секој случај, за малите држави трката во вооружување не е единственото решение за нивната безбедност, туку и омасовувањето на одбраната, зголемувањето на еластичноста и отпорноста, интеграцијата, соработката и колективната одбрана и безбедност.


