Сцена од операта „Набуко“ / Фотографија: Национална опера и балет

Спектакуларно затворање на 54. „Мајски оперски вечери“ ќе се одржи со Вердиевото ремек-дело „Набуко“

Со изведбата на грандиозната опера „Набуко“ од Џузепе Верди, на 31 мај, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет свечено ќе биде затворено 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.

Операта ќе биде изведена под диригентската палка на гостинот од Аргентина, Јерухам Шаровски, во режија на Ренато Бонајуто (Италија). Сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси (Италија), кореограф е Маја Митровска – Богојевска, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска.

Насловната улога – Набуко – ќе ја толкува Алберто Газале (Италија), во улогата на Абигаиле ќе настапи Сузана Бранкини (Италија), Николина Јаневска ќе ја толкува улогата на Фенена, Ѓорѓи Цуцковски ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Хиденори Иноуе (Јапонија).

Во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Ана Ројдева и Никола Стојчевски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, како и ученици од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

Изведбата на операта „Набуко“ од Џузепе Верди, ќе биде посветена на неодамна трагично починатиот првенец на Националната опера и балет, баритонот Ристе Велков.

Со својата уметност, глас и сценско присуство, Ристе Велков остави длабока и трајна трага во македонската оперска уметност. Токму улогата на Набуко беше една од неговите најзначајни и највпечатливи сценски остварувања на матичната сцена. Неговото име и уметничко наследство ќе останат трајно врежани во историјата на македонската опера, известија од Националната опера и балет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот