СП: Целта е остварена, Македонија забележа победа против Чиле!

Фото: EPA-EFE/Mohamed Abd El Ghany/POOL

Бевме свесни дека реми не ни одговара, па за пласман во вториот круг на Светското првенство моравме да бркаме триумф, и тоа го направиме во директната пресметка за третото место во групата „Г“ со резултат 32:29 против Чиле.

Во првите пет минути од првото полувреме противникот покажа цврста и агресивна одбрана, водеше минимално со 2:1, иако расположен уште од почетокот беше нашиот Митревски со четири одбрани.

Но, тој момент не го искористивме во наша корист, Стоилов доби исклучување после направен прекршок, а со погодокот на Ајала од крило, Чилеанците имаа и „плус два“ од 4:2 во деветтата минута од средбата.

Митревски ја забележа и петтата интервенција, а во наредната 10 минута успеавме да израмниме преку крилото Костески кој го запиша вториот гол. Ривалот не се предаваше и секоја наша грешка ја казнуваше со успешна контра за повторно јужноамериканскиот претставник да се одвои на два разлика (6:4).

Костески беше најрасположениот стрелец, веќе дојде до четвртиот гол на мечот за нов егал (7:7) после 16 минути игра. Проблем за нас беше веќе и второто исклучување на Стоилов, а Чиле и натаму одржуваше минимална позитива.

Фото: EPA-EFE/Mohamed Abd El Ghany/POOL

Следуваше подобар и посмирен напад од нашата селекција, тоа резултираше со прво водство од 10:9 со голот на Лазаров од пенал. Но, следуваше повторно пад на концентрација, дозволивме Чилеанците да се одлепат, водеа со 16:14, а после првото полувреме на пауза да заминат со 17:16.

Од почетокот на вториот дел се играше гол за гол, ние бевме сега тие кои водевме, но и натаму не можевме да стекнеме поголема позитива од еден разлика, а радуваше и 10 одбрана на голманот Митревски.

При 23:22 во незгоден момент исклучен на две минути беше Крстевски, но го прежиеавме тој период, и имавме напад за зголемување, тоа го направиме благодарение на Кузмановски (24:22). Втората голманска опција Томовски во одличен момент одбрани удар од седум метри, тоа го искористивме со нов гол на пивотот Пешевски кој редеше погодоци за највисоки 26:23 во 48 минута.

На 10 минути до крајот на мечот имавме 27:25, постигна гол Кузмановски, а потоа нова радост на клупата поради 13 одбрана на Митревски. Чилеанците свесни дека се ближи крајот на средбата, играа со тактика „7 на 6“ во нападот и тоа функционираше, немавме решение за Салинас.

Полека првата победа се најавуваше после само вториот гол на Стоилов, на нешто повеќе од две минути до крајот (31:27), а точка на мечот се стави со цепелинот на релација Кузмановски – Лазаров за освојување на бодови и пласман во следната фаза.

Светско првенство 2021

Група „Г“, 3 коло

Македонија-Чиле 32:29 (16:17)

Македонија: Митревски (14 одбрани, 1 седмерец), Томовски (2 одбрана, 2 седмерец) Мишевски 1, Кузмановски 4, Костески 5, Стоилов 2, Лазаров 8, Крстевски 2, Димитриоски 3, Пешевски 5, Поповски 1, Маркоски 1.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот