Советот на ЕУ ги усвои заклучоците за проширувањето: Во Северна Македонија е неопходна ревизија на изборното законодавство

Неопходна е „сеопфатна ревизија“ на изборното законодавство, а се признава одреден напредок во делот на темелите, односно владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, но се бараат и дополнителни напори на тој план, пишува во заклучоците за проширувањето на Унијата што ги усвои министерскиот Совет за општи работи.

Овие реформи, според Советот, треба да бидат одржливи при што се бара посветеност и од власта и од опозицијата на конструктивен начин.

Во заклучоците усвоени во пресрет на декемврискиот Самит на ЕУ се поздравува одржувањето на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија во јули годинава како признание на нејзиниот прогрес на реформскиот пат, како и чекорите што Европската комисија ги презема во процесот на скринингот со земјава.

Истовремено, во заклучоците се потсетува дека е Северна Македонија треба да обезбеди транспарентност во водењето политика и инклузивност во процесот на консултација за преговорите со ЕУ.

Во однос на судството, се оценува дека одреден напредок е постигнат во спроведувањето на судската реформска стратегија, но одржливи напори се потребни за обезбедување на независност, непристрасност и професионалност на судството. Уште еднаш се бара и да се следат препораките на Државната комисија за спречување на корупција, чија работа се поздравува.

Јавната администрација, според ЕУ, останува слаба точка каде транспарентноста, заслугата и еднаквата застапеност се суштински.

Исто така се поздравува и ветувањето Северна Македонија да се усогласи со визната политика на ЕУ и да соработува во управувањето со миграциските текови, меѓу другото и преку работата со Фронтекс.

Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински и ЕУ очекува опипливи резултати во спроведувањето на билатералните договори со Грција и Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот