Совети од градинарот „Цветко“: Букет или саксиско растение за 8 Март – нежен потсетник колку вреди жената
„Купете букет од бабичките пред маркетите, сами што ги спакувале цвеќињата од нивните градини, купете од маалска цвеќарница, одбијте пластика и вештачки мирис и уживајте во уникатноста“, вели Предраг.
На Меѓународниот ден на жената 8 Март, најчесто се подаруваат цвеќиња и саксиски растенија, како симбол на почит, благодарност и љубов. Мал, но значаен гест со кој им се дава внимание на жените и ја славиме нивната сила, вредност, придонес и нежност.
Препорачано
Предраг Митрикески Клекачкоски, кој е познат по својот инстаграм-профил „Цветко“, е ентузијаст за растенија, екологија, животни и природата. Иако работи во сферата на маркетингот, тој секогаш наоѓа време да ѝ се посвети на природата и на грижата за растенија.
Со него разговараме како најсоодветно да изберете букет или саксиско растение за најважните жени во вашиот живот.
Неговата порака е јасна – највредниот подарок не е најскапиот, туку оној во кој сме вложиле време, мисла и искрена емоција.

– Јас лично верувам дека има убавина и во двете. Цветот како таков има голема историја, претставува држави, периоди од минатото, љубов, тага… Има многу сила и значење што треба да ги почитуваме. Саксиското растение, пак, има една долготрајност која ќе е нежен потсетник на гестот со години – вели Предраг.
Тој советува да изберете внимателно и лично и да одлучите која порака сакате да ја испратите преку букетот или саксиското растение. Препорачува да не се водите според информациите на интернет (белата ружа дека значи мир, црвената љубов, калата дека значи нежност и слично), туку да влезете во цвеќарница со добро оформена мисла за тоа која порака сакате да ѝ ја пренесете на личноста што го добива тој подарок.
– Можеби е силна како хризантема, или нежна како полско цветче, што за вас значи тој цвет, таа боја, таа форма на лист… Можеби оваа година не сакате да подарите букет, туку да направите круна од цветчиња, можеби кактусот што ви го предложиле е вистинскиот избор – вели тој.
Предраг посочува и неколку совети што ќе го направат подарокот за 8 Март поспецијален:
– Нагласете дека не сакате пластична фолија при пакувањето на подарокот или украсувањето на букетот, хартијата не само што делува поделикатно и истенчено, многу е подобра и за природата.
– Не ставајте светки, мириси или други вештачки украси, цветот сам по себе е неверојатно „здание“ кое е пред вас благодарение на илјадници години еволуција.
– При правење букет, одберете бои што се спротивни, пример жолто-виолетово, портокалово-сино, црвено-зелено и слично. Не го преполнувајте букетот со палми и зеленила што го гушат цветот, нека биде во фокус приказната на цветот.
– Саксиското растение е малку покомплицирано, разговарајте со вработените во цвеќарницата, објаснете каде тоа растение ќе живее и најдете соодветни видови што одговараат за домашните услови на личноста на која ќе ѝ го подарите.

– Што и да подарите, знајте дека најскапите подароци се оние за кои вложуваме време, а не пари. Нека подарокот е слика на вас, вашите емоции, нека комуницира, нека „вика и зборува“, нека разнежнува и само тогаш сте успеале со вашата намера. Купете букет од бабичките пред маркетите, сами што ги спакувале цвеќињата од нивните градини, купете од маалска цвеќарница, одбијте пластика и вештачки мирис и уживајте во уникатноста – заклучува Предраг.


