Совет од ендокринолог: Овој напиток го спречува наглиот пад на шеќерот и заморот
Попладневниот пад на енергијата најчесто е последица на оброци богати со јаглехидрати или обилен ручек кој нагло го зголемува, но и брзо го намалува нивото на шеќер во крвта. Состојбата кога чувствуваме силен замор и едвај го чекаме крајот на работниот ден може да се ублажи со едноставен и достапен напиток, тврдат експертите, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Ендокринологот д-р Ејрини Ескандер од медицинскиот центар „Седарс-Синај“ нагласува дека стабилното ниво на шеќер во крвта е важно за целокупното здравје, дури и кај лица кои немаат дијабетес.
„Високиот шеќер во крвта може да се манифестира со главоболка и замор, по што често следи нагол пад кој може да предизвика забрзано чукање на срцето, нервоза и раздразливост“, вели таа.
Според неа, постојат две главни причини за попладневниот пад на енергијата кај здрави луѓе. Првата е ручек богат со јаглехидрати, кој предизвикува нагло лачење на инсулин, а потоа и пад на шеќерот во крвта. Втората е обилен оброк, при што крвта се насочува кон органите за варење наместо кон мозокот, што дополнително го засилува чувството на замор.
Дополнителен проблем може да биде и изборот на пијалаци. Газираните пијалаци, спортските напитоци и овошните сокови можат за само 30 минути да го зголемат нивото на шеќер во крвта и до 72 проценти.
Како подобра алтернатива, д-р Ескандер го препорачува зелениот чај. Тој содржи активна состојка ЕГЦГ (епигалокатехин галат), која помага да се спречат нагли осцилации на шеќерот во крвта. Истражувања покажуваат дека редовното консумирање зелен чај може значително да го намали нивото на гликоза на гладно, со што се намалува ризикот од нагли падови по оброците.
Зелениот чај може да се консумира наутро или за време на ручекот, но се препорачува да се избегнува навечер поради кофеинот кој може да го наруши сонот.
Сепак, експертите нагласуваат дека најважна е балансираната исхрана.
„Избегнувајте оброци богати со шеќери и јаглехидрати. Комбинирајте ги со протеини, влакна и здрави масти за да се спречат нагли скокови и падови на шеќерот во крвта“, советува д-р Ескандер.
Замена на засладените пијалаци со зелен чај може да придонесе за постабилно ниво на енергија и подобро расположение во текот на денот.


