Топлотен бран во Македонија: Како да ги препознаете и што да преземете ако ве погоди сончаница и топлотен удар

Фото: Профимедиа

Владата на барање на Министерството за здравство, одржа вонредна седница, поради најавите за топлотен бран во државата и донесе соодветни препораки.

Од Институтот за јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи се добиени информации дека од денеска (среда, 19.06.) до недела (23.06) територијата на цела држава ќе биде зафатена од топлотен бран – портокалова фаза, со што ќе важат препораките за намалување на ризиците од високи температури, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.

Меѓу другото, силните горештини и високата надворешна температура може да доведат до сончаница или до топлотен удар.

Топлотниот удар е многу сличен на сончаницата, со таа разлика што не мора да настане како последица на директното изложување на сонцето.

Обично се јавува кога е зголемена влажноста на воздухот за време на летните горештини, бидејќи во такви услови е отежнато потењето и природното ладење на организмот.

Високите температура на воздухот овие летни денови многу неповолно влијаат на здравјето и кај сосема здравите луѓе. Главните непријатели на нашиот организам се сончаницата и топлотниот удар, кои значително се во пораст во последниве години поради климатските промени и глобалното затоплување.

Во случај на топлотен удар како и кај сончаницата мора да се интервенира и веднаш да се започне со разладување.

Што е топлотен удар?

Топлотниот удар настанува кога природниот „термостат“ во организмот не може да одржи нормална температура. Кога температурата на телото е повисока од „нормалната“ се покренува цела низа механизми за да се разлади телото.

Еден од механизмите е и потењето. Ефектот на ладење се постигнува со испарување на потта на површината на телото. Во многу влажни и топли средини, потта не испарува лесно, односно останува на кожата и не ја остварува својата главна функција на ладење.

Во таквите средини, каде што воздухот слабо циркулира, екстремно високите температури го победуваат нашиот вроден „термостат“ и тогаш може да дојде до прегрејување на телото,
односно до топлотен удар. Најчувствителни на топлотен удар се: постарите лица, децата, вработените на работни места на отворено и хроничните болни.

За топлотен удар придонесува и дехидратацијата. Организмот во состојба на дехидрираност доаѓа кога губитокот на течности е поголем од внесот на течности. На пример, губитокот на поголеми количества вода преку урината е придружен ефект на консумирањето многу пијалаци како кафе, алкохол, како и некои лекови кои имаат диуретско дејство. Кога сте дехидрирани, волуменот на
крвта е помал и телото ја губи способноста ефикасно да се „лади“ па и можноста за настанување топлотен удар е поголема.

Симптоми на топлотен удар

Симптомите на топлотен удар не се „универзални“, односно секое лице може да има поинакви симптоми. Најчести се:

– силна главоболка
– сува кожа
– вртоглавица, немир, сонливост и повраќање
– постојано зголемување на телесната температура
– дезориентација, вознемиреност, конфузија
– тромост или премор
– зуење во ушите, нарушување на видот
– пулсот е забрзан, а дишењето е плитко и забрзано
– врела, сува кожа која не се поти
– губиток на свеста
– забрзано работење на срцето, тахикардија
– халуцинации
– можно е и зголемено потење преку кое се губи значително количество течности и минерали, особено калиум, кој е многу важен за сите биохемиски процеси во организмот, пред сѐ, во мозокот.

Кога да се обратите кај лекар?

– Ако телесната температура не опаѓа и покрај разладувањето и лековите. Тогаш, веројатно, не станува збор само за сончаница, туку лицето е на почетокот на некоја друга болест. Обично станува збор за почеток на цревни инфекции, или воспаление на дишните органи. Во тој случај брзо се појавуваат и други симптоми на болеста, па треба да се консултира лекар, кој ќе ја постави вистинската дијагноза.

– Ако лицето изгуби свест и не се поврати брзо по поставувањето во лежечка положба. Губитокот на свест обично е резултат на минливо опаѓање на притисокот и недоволен доток на крвта во мозокот. Ова е безопасна варијанта и речиси моментално поминува кога лицето ќе легне со кренати нозе, за да му се обезбеди доволно крв на мозокот. Меѓутоа, ако болниот потоа е конфузен, сонлив и слабо комуницира со околината, треба да се јавите кај лекар.

– Ако болниот упорно повраќа и е сѐ понемоќен и изнемоштен. Тогаш станува збор за многу тежок облик на сончаница, па е неопходен преглед кај лекар. Тој ќе утврди дали станува збор само за сончаница, или е во прашање и почеток на некоја друга болест (на пример, инфекција со летни вируси или бактерии).

Како се третира топлотниот удар?

Топлотниот удар е сериозно нарушување кое може да доведе до смртен исход и затоа е потребно да се лекува веднаш! Важно е да се препознае и веднаш да се повика итна помош. Додека ја чекате итната помош да пристигне, веднаш внесете го болниот во затворен простор, отстранете му ја облеката и внимателно попрскајте го со студена вода, за да се предизвика потење. На препоните и пазувите ставете мраз или ладна крпа. Болниот треба да лежи со благо поткренати стапала.

Лекарот ќе процени дали е потребно да се примени и интравенска инфузија за да се надоместат електролитите и течноста. Ако лекарот смета дека оваа постапка не е потребна, на лицето со топлотен удар можете да му дадете пијалак за рехидратација или вода. Се советува одморање. Лицето кое доживеало топлотен удар може да има скокови и падови на температурата со недели по него.

Како да го спречите топлотниот удар?

– Консумирајте што повеќе течности доколку се наоѓате надвор. Најдобро е да пиете обична вода, а да избегнувате кафе, алкохол и засладени пијалаци бидејќи тие можат да доведат до дехидратација. Луѓето кои на горештините пијат алкохол, 15 пати се почувствителни на топлотен удар од оние кои не го консумираат.

– Никогаш не оставајте ги децата, постарите, ниту домашните миленичиња во авотомобилот.

– Ако многу се потите, така губите соли, односно електролити и потребно е да ги надоместите така што покрај водата ќе внесувате помали количества храна почесто, или пригответе посебни напивки за надомест на електролити кои се наравени за таа намена и можат да се купат во аптеките. Жедта е првиот знак на дехидратација.

– Избегнувајте тешка храна која е богата со протеини, бидејќи тоа може да ја зголеми температурата на телото која се ослободува за време на метаболизмот.

– Се советува лесна облека во посветли бои, од цврста ткаенина.

– Избегнувајте претерана физичка активност.

– Ако сте директно изложени на сонце, носете очила, шешир и бидете под чадор за сончање.

– Не останувајте одеднаш долг период надвор доколку времето е многу топло.

– Кога времето е исклучително топло и влажно, престојувајте во затворен разладен простор.

– Доколку имате некое хронично заболување посоветувајте се со лекарот за да ви даде дополнителни упатства.

Што е сончаница?

Подолготрајното изложување на главата на сонце доведува до сончаница, особено кога тилот е директно изложен на висока температура и е под влијание на сончевата топлина. Имено, нашето тело се лади од работењето на кардиоваскуларниот систем и потењето. За потењето да биде поефикасно за време на големите горештини низ кожата протекува многу поголема количина крв која го лади телото и така ги штити неговите најважни органи, особено мозокот. Ако невнимателно ја изложуваме главата на сонце, температурата токму во главата значително се зголемува. Телото се обидува да го разлади мозокот испраќајќи повеќе ладна крв во главата. Ова предизвикува ширeње на крвните садови на мозокот и до нагло зголемување неговиот волумен. Тоа влијае на појавата на симптомите кои се многу слични на потрес на мозокот и не се ни малку безопасни. Сериозни случаи на сончаница може да завршат со несвестица, па дури и со кома.

Што да се преземе?

Луѓето со вакви симптоми треба веднаш да се сместат во ладовина или во разладена, затемнета просторија и да се раскомотат. Важно е постепено разладување со поливање со вода и со ставање ладни облоги од мраз на тилот и на главата, сѐ додека температурата не се врати во нормала.
Телесната температура треба постојано да се контролира. На болниот кој има сончаница треба да му се даваат ладни пијалаци, но никако кафе или алкохол. Во тешките случаи на губење на свест, појава на конфузија и на сонливост, потребно е што побрзо да се повика лекар.

Препораки на експертите

Пет чаши вода дневно се доволни за хидратација на деца од 5 до 8 годиниседум чаши за деца од 9 до 12 години, а осум до десет чаши вода за деца постари од 13 години и за возрасни.

Јадете свежо овошје и зленчук, немасно месо и риба, житарки, семки и немасни ферментирани млечни производи (јогурт, кефир), чорби и супи за надоместување на електролитите изгубени со потењето.

Избегнувајте обилни оброци, масна храна која тешко се вари, засладени и газирани сокови, алкохолни  и пијалаци богати со кофеин поради опасност од дехидратација на организмот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот