Кејти Холмс и Џејмс Ван Дер Бик / Фото: Profimedia

Со тешко срце се прости од својот Досон: Кејти Холмс со емотивна порака за Џејмс Ван Дер Бик

Кејти Холмс, колешка на Џејмс Ван Дер Бик од серијата „Светот на Досон“ (Dawson’s Creek), се прости од актерот кој почина вчера на 48-годишна возраст. Ван Дер Бик ја загуби битката со рак на дебелото црево во трет стадиум, кој му беше дијагностициран во 2023 година.

Во рачно напишана и длабоко емотивна порака објавена на Инстаграм, Холмс истакна дека неговата смрт „тешко ѝ паднала“ и дека се огласува „со тешко срце“.

„Неизмeрно сум благодарна што имав можност да го запознаам и да споделам дел од животот со него. Сите го сакаа. Кимберли, те сакаме и секогаш ќе бидеме тука за тебе и твоите прекрасни деца“, напиша 47-годишната актерка, обраќајќи ѝ се на сопругата на починатиот колега.

Холмс директно му се обрати и на Ван Дер Бик, кој од 1998 до 2003 година го толкуваше главниот лик Досон Лири во „Светот на Досон“.

„Џејмс, ти благодарам. Да се биде покрај твојата имагинација беше нешто посебно – како да дишевме заедно во свет во кој сè е можно и во кој нашите срца се сигурни додека се изразуваме“, напиша Холмс.

Таа продолжи: „Тоа се дел од спомените – со смеа, разговори за животот, песните на Џејмс Тејлор – и авантурите од нашите младешки денови“.

Потоа нагласи дека ќе го памети по „сочувството, храброста, несебичноста и силата“.

„Живееше доследно на своите вредности, како животот за него да беше уметност. Создаде прекрасен брак и израсна шест деца во дом исполнет со љубов – живот достоен за восхит“, додаде таа.

Холмс истакна дека тагува „со срце кое ја чувствува реалноста на неговото отсуство“, но и дека е длабоко благодарна „за трагата што ја остави во мојот живот“.

Фото: Инстаграм/Кејти Холмс

На крајот повторно ѝ се обрати на неговата сопруга Кимберли Ван Дер Бик и нивните шест деца: „Секогаш сме тука за вас. И секогаш ќе бидеме тука да ве опсипуваме со љубов и сочувство“.

Во серијата, ликот на Ван Дер Бик, амбициозниот млад филмаџија Досон, сонуваше за среќен крај со Џои Потер, која ја толкуваше Холмс. Клучни делови од приказната беа и неговиот најдобар пријател Пејси Витер (Џошуа Џексон) и новодојдената Џен Линдли (Мишел Вилијамс). Во петтата сезона ѝ се приклучи и Бизи Филипс како Одри Лидел. Во актерската екипа беа и Мери Бет Пејл, Џон Весли Шип, Мери-Маргарет Хјумс, Нина Репета, Кер Смит и Мередит Монро.

Минатиот септември, актерската екипа повторно се обедини на хуманитарен настан во Њујорк. Во живо беше прочитана пилот-епизодата од серијата, а настанот беше организиран во корист на организацијата која се бори против канцерот и како поддршка за Ван Дер Бик.

Тој ден претходно го откажа своето присуство поради здравствени причини, но се појави преку претходно снимена видеопорака прикажана на екран.

„Би сакал да бидам на таа сцена и да им се заблагодарам на сите во салата што сте тука вечерва.

Од актерската екипа и тимот, до сите кои учествуваа и беа толку великодушни, а особено на вас – вие сте најдобрите обожаватели на светот“, рече тој во видеото.

ВИДЕО | Џејмс Ван Дер Бик проговори за битката со ракот: Ми ги одзеде сите улоги што ги имав во мојот живот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот