Скриншот од апликацијата „travelers.mk“

Со нова апликација на велосипедистите им е олеснето да најдат рута, пумпа или чешма

Организацијата „Травелерс велосипедизам“ (Travelers Cycling) неодамна одбележа пет години постоење и 10 години од „Тravelers.mk“, а исто така ја претставија и апликацијата „Travelers Cycling Macedonia“ – прва од ваков тип во земјава.

Апликацијата е наменета за сите кои го користат велосипедот – било како превозно средство, рекреација или авантура.

„Нашата цел е да го направиме велосипедизмот полесен, побезбеден и поеколошки, и да мотивираме што повеќе луѓе да ги остават автомобилите дома и со тоа да придонесат за почисти градови“, соопштија од „Травелерс велосипедизам“.

Оттаму нагласуваат дека со апликацијата може да се испланира безбедно движење по означени велосипедски рути, потоа да се најде велосипедски паркинг, сервисен пункт, а исто така се добиваaт известувања и совети за препреки, настани и градски локации.

На неа можете да добиете и препорака како да се облечете доколку возите велосипед, според моменталната временска прогноза. Пример, ако надвор е мразарник, апликацијата ќе ви препорача опрема, дебело палто, ракавици, зимска маска… Велосипедистите често се водат по изреката „Не постои лошо време, туку само лоша опрема“.

„Зимата не е пречка, туку предизвик – вистинската сила се гради кога патот е најтежок“, посочуваат од велосипедската организација.

Фото: Travelers Cycling / скриншот од апликацијата

Во однос на мапирањето на чешмите, за нив велат дека се особено важни во летните месеци, кога високите температури бараат честа хидратација.

„Велосипедистите често поминуваат долг пат, а пристапот до чиста вода може да биде клучен за здравје, енергија и безбедно возење. Затоа оваа функција е создадена со фокус на удобност и добра кондиција. Апликацијата има и локации за пумпање гума, како дел од сервисите, како и бензиските на кои има пумпа. Ова ќе им помогне на велосипедистите со послаба гума да ја пронајдат најблиската воздушна пумпа, за да стигнат безбедно до својата дестинација“, нагласија од организацијата.

Фото: Travelers Cycling / скриншот од апликацијата

Апликацијата е непрофитна и се однесува на Македонија, иако за повеќе градови засега недостасуваат информации, бидејќи апликацијата постојано се надополнува. Целта е луѓето почесто да се качуваат на велосипед, со што би зголемила сообраќајната култура и да се намали метежот на улиците, а како резултат на тоа – би се намалило и загадувањето на воздухот.

Оттука, според креаторите, придобивки од велосипедизмот имаат сите, не само оние кои вртат педали, туку и тие што се наоѓаат дома, дишејќи почист воздух благодарение на оние граѓани што избрале точак како превозно средство.

„Со мотивирање на луѓето, бројот на велосипедисти на улиците би се зголемувал секојдневно, а со тоа и потребата за подобрена и побројна велосипедска инфраструктура. На тој начин, градските власти би биле принудени сè повеќе да инвестираат во велосипедската инфраструктура, што би им овозможило на велосипедистите полесно да се движат“, нагласуваат креаторите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот