Проба на оркестарот на Филхармонија со диригентот Борјан Цанев

Со доделување на наградите на СОКОМ и посвета на Кирил Македонски и Властимир Николовски завршуваат 48-те „Денови на македонска музика“

Свеченото затворање на 48-те „Денови на македонска музика“ и доделувањето на наградите на СОКОМ ќе се одржат на 16 октомври, со почеток во 20 часот, со концерт на оркестарот на Филхармонија под диригентската палка на Борјан Цанев. Како солист ќе настапи Мила Јаневска – сопран.

Концертот ќе биде изведен во големата сала на Филхармонија и посветен е на 100-годишнината од раѓањето на композиторите Кирил Македонски и Властимир Николовски.

На програмата на концертот се делата: Кирил Македонски – Симфонија бр. 4 (1960); Властимир Николовски – Оркестарска суита „Ин модо антико“ за симфониски оркестар (1957); и „По патиштата“, вокално-инструментален циклус за глас и симфониски оркестар (1960).

Кирил Македонски (1925 – 1984) е еден од најистакнатите македонски композитори на 20-тиот век, чиј опус одигра клучна улога во обликувањето на македонската музичка култура. Тој беше меѓу првите што успешно споија традиционалните македонски музички елементи со современите западноевропски музички насоки, создавајќи препознатлив стил што ја одразува националната музичка идиоматика.

Музиката на Македонски ја носи уникатната ритмичка и мелодиска пулсација на македонскиот фолклор, кој го сметал за суштинска основа на своето творештво. Во периодот од 1956 до 1960 година, компонира неколку значајни оркестарски дела, меѓу кои и четири од неговите пет симфонии. Неговиот професор, словенечкиот композитор Луцијан Марија Шкерјанц, ги опишал неговите симфонии како „силни, динамични и исполнети со сигурност во изразот преку јазикот и музичките средства на дваесеттиот век“.

Академик Властимир Николовски (1925 – 2001) претставува еден од темелите на македонската композиторска мисла. Неговото исклучително плодотворно творештво не се одликува само по обемот, туку и по длабочината, квалитетот и инвентивноста. Тој е централна фигура, своевидна оска околу која се движат останатите композиторски правци во македонската музика, оставајќи траен белег во нејзиниот развој.

Неговото музичко творештво ги обединува речиси сите жанрови и форми на композиторското творештво во втората половина на ХХ век. Николовски создал над 140 композиции од, речиси, сите видови и жанрови на класичната музика, како и значаен број публицистички трудови посветени на различни прашања од музичката уметност. Во доменот на симфониската и вокално-инструменталната музика, Николовски создаде дела со силна експресивност, богата звучна палета и јасна тематска структура. Влијанието на фолклорот е, речиси, неизбежно во целиот негов творечки опус, а неговата обработка открива јасни и нескриени „алузии“ на пристапот на Барток во начинот на инспирирање и интегрирање на народните елементи во уметничката музика.

Доделување на традиционалните награди на СОКОМ

Вовед во Свеченото затворање на фестивалот ќе биде доделувањето на традиционалните награди „Георги Божиков“ и „Панче Пешев“, што СОКОМ ги доделува за најуспешни композиторски и уметнички остварувања во претходната година.

Наградата „Георги Божиков“, која Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори во претходната 2024-та година ја доделува на Камерниот ансамбл „Алтус / Нов здив“ и на диригентката Јасмина Ѓорѓеска – Каро.

„Алтус / Нов здив“ во текот на 2024 година одржа низа концерти во земјава и странство, со богата програма посветена на македонски автори – Зографски, Цанев, Андреевска, Шахов, Трандафиловски, Велковска Трајановска, Начевски, Андовска и други. Ансамблот е составен од врвни уметници (Гонца Богоромова-Краповски, Елена Стојческа, Игор Иванов, Роман Петиот, Мартин Димитровски, Александар Лаовски, Паскал Краповски и Маријана Николовска) и претставува еден од најпосветените промотори на современото македонско музичко творештво.

Јасмина Ѓорѓеска – Каро ја добива наградата за изведби на дела од Гајдов, Скаловски, Прокопиев, Шуплевски, Зографски, Стојков и други, со своите хорови кои успешно настапуваа и на меѓународни сцени.

Наградата „Панче Пешев“, која претставува највисоко професионално признание кое СОКОМ го доделува на музички творци и музички писатели со цел да се истакнат најзначајните музички достигнувања во областа на музичкото творештво и музикологијата во текот на една година, за 2024 година ѝ се доделува на композиторката Ана Пандевска за делото „Куклици“.

Композицијата „Куклици“ премиерно се изведе на 28 ноември минатата година, на роденденскиот концерт на Македонската филхармонија и беше една од откупените композиции на конкурсот кој го објави оваа институција со цел да се поттикнат и мотивираат домашните автори да напишат нови симфониски дела кои својата праизведба ќе ја доживеат во јубилејната концертна сезона.

Ана Пандевска (Скопје, 1985) студира композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класите на Гоце Коларовски и Јана Андреевска, каде дипломира во 2010 година. Нејзиниот опус опфаќа дела за соло-инструменти, камерни состави, оркестар, музика за деца и електроакустични проекти. Пандевска е авторка која се движи низ различни стилови и жанрови, градејќи сопствен израз во кој естетската идеја секогаш има предност пред површниот ефект. Нејзината музика често носи полистилистички пристап – спој на фолклорни, џез и современи звучни изрази – како и чувствителност кон општествени и културни контексти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот