Со 23 милиони денари ќе се гради фудбалско игралиште во Реонски центар
Со вкупно 23 милиони денари, кои треба да се инвестираат во следните шест месеци, на местото на старото спортско игралиште во Реонски центар, Аеродром ќе добие нов и модерен фудбалски терен. Проектот се реализира како дел од јавно – приватно партнерство помеѓу Општина Аеродром и приватна компанија. Како што велат од Аеродром станува збор за соработка која ќе резултира со целосно нов репрезентативен спортски објект, направен по сите стандарди, каде ќе може да се одржуваат спортски натпревари од сите домашни натпреварувања.
Препорачано
Градоначалникот Тимчо Муцунски објасни дека проектот се реализира со поддршка на приватна компанија која треба да направи реконструкција на спортскиот терен кој подолг временски период бил запоставен, со цел да се обезбедат подобри услови за фудбалските школи во Аеродром и нова локација каде ќе одржуваат спортските натпревари.
Во рамки на инвестицијата предвидено е спортското игралиште да добие нова повеќеслојна подлога погодна за терен со вештачка трева, а истовремено да биде извршена и целосна санација на металната конструкција, трибините и заштитната мрежа. Ќе бидат поставени и нови клупи за резервни играчи со кабини од плексиглас, како и целосна реконструкција на соблекувалните.


