Сместувањето евтино, кафето само 1,50 евра – За кој европски град станува збор?
Луѓето внимателно ги планираат своите патувања комбинирајќи евтини летови и прифатливо сместување, а вистинското место за квалитетен одмор е португалскиот град Гимараинш.
Препорачано
Новата година носи и нови можности за патување, и едно е сигурно: сè повеќе туристи ќе бараат начини да го истражат светот без да потрошат многу пари. Со зголемувањето на цените, патниците се вртат кон прифатливи, но интересни дестинации кои нудат богата култура, прекрасни пејзажи и автентични искуства. Еден помалку познат европски град ги има сите овие квалитети, па затоа би можел да биде на мапата на многу патници оваа година. Гимараинш е историски град кој се наоѓа на северот од Португалија, познат по своето богато културно наследство и зачуван средновековен центар. Со околу 160.000 жители, градот ги комбинира традицијата и модерниот живот и често се нарекува „родно место на Португалија“, бидејќи бил првиот главен град на земјата.
Тесните улици, историските згради и живата локална заедница го прават Гимараинш привлечна дестинација за туристите кои сакаат да доживеат автентична португалска атмосфера, без вревата на големите градови како Лисабон или Порто. Гимараеш е познат и по бројните културни настани и фестивали во текот на целата година. Посебен белег е Фестивалот на средновековни игри, кој привлекува посетители од сите возрасти, додека уличните претстави и традиционалните танци создаваат шарена атмосфера во стариот град.
Љубителите на уметноста можат да уживаат во бројни музеи, како што е Музејот „Алберто Сампајо“, каде што се чуваат вредни експонати поврзани со историјата и религиозните традиции на регионот. Покрај културните атракции, Гимараинш нуди и прекрасни природни пејзажи во околината. Планините, шумите и реките се идеални за пешачење, возење велосипед и пикник. Градот е комбинација од историја и модерен живот – додека шетате низ старите улици, ќе наидете на модерно кафуле или продавница со локални ракотворби.
Оваа комбинација го прави Гимараинш место каде што посетителите можат истовремено да доживеат автентично минато и жива сегашност. Неодамна се појави на листата „Топ 20 туристички дестинации во 2026 година“ на Би-би-си, заедно со дестинации како Абу Даби и Црна Гора. Би-би-си го пофали Гимараинш за неговото убаво зачувано средновековно јадро и разновидноста на ресторани и барови. Ова не е изненадувачки, бидејќи шише пиво може да се најде за само 2 евра. За туристите кои сакаат да го започнат денот во Гимараинш со кафе, капучино чини само 1,33 евра. Сместувањето е исто така прифатливо – хотелска соба за двајца во периодот од 3 до 5 јуни чини околу 87 евра.
Освен што е прифатлив за посета, Гимараинш нуди многу повеќе. Во 2024 година, градот беше прогласен за Европска зелена престолнина за 2026 година поради неговата континуирана посветеност на одржливоста, објавува The Resident. На градот му беа доделени 704.100 евра за еколошки проекти. Во текот на 2026 година, Гимараинш ќе одбележи 25 години од статусот на светско наследство на УНЕСКО. Историскиот центар на Гимараинш беше прогласен за место на УНЕСКО во 2001 година. Оваа област го покажува развојот на поранешна средновековна населба во денешна модерна заедница- пишува Каматица.


