Случај затворен по 52 години – исчезната тинејџерка била жртва на серискиот убиец Тед Банди кој признал дека убил 30 жени
Случајот на тинејџерката од американската сојузна држава Јута, убиена пред повеќе од 50 години, конечно е решен откако властите во средата соопштија дека ДНК-доказите потврдуваат дека таа била жртва на озлогласениот сериски убиец Тед Банди, пренесува „Ен-би-си Њуз“.
Препорачано
Лора Ен Ејм (17) последен пат била видена на забава за Ноќта на вештерките на 31 октомври 1974 година. Таа ја напуштила забавата за да отиде во продавница и никогаш не се вратила, според податоците на канцеларијата на шерифот на округот Јута.
Планинари го пронашле нејзиното тело околу еден месец подоцна, покрај насип веднаш до планинскиот пат. Полицијата утврдила дека таа била задавена и сериозно претепана.
Пред егзекуцијата во 1989 година, Банди признал дека ја убил Ејм, но властите одбиле да го прифатат признанието и утврдиле дека тогашните истражни и судски органи немале доволно докази за осудување. Во тоа време, Банди студирал право на Универзитетот во Јута.
Канцеларијата на шерифот соопшти дека минатата година започнале со напори да го решат нерешениот случај на Ејм, користејќи нови форензички техники и споредби на ДНК-тестови. Процесот потврдил дека ДНК-доказите пронајдени на телото на Ејм во 1974 година припаѓаат на Банди.
„Овој случај е официјално затворен“, рече шерифот Мајк Смит на прес-конференција и додаде дека новите форензички техники „ќе го олеснат секое идно споредување на ДНК-тестовите за оние институции за спроведување на законот кои сè уште имаат отворени случаи во кои е вмешан Банди“.
Банди киднапирал, мачел, силувал и убил десетици млади жени во текот на 1970-тите.
Осуден е за убиство на две сестри од женското студентско здружение на Државниот универзитет во Флорида. Судењето во 1979 година било првото пренесено на национална телевизија, што предизвикало необична фасцинација кај гледачите кои го сметале за шармантен и привлечен.
Иако точниот број на неговите жртви не е познат, Банди признал дека убил 30 жени во седум држави средината на 1970-тите.
Бил егзекутиран на 24 јануари 1989 година.
Во децениите по егзекуцијата, Банди станал тема на безброј филмови, документарци, книги и биографии.


