ВИДЕО | Слободата на говор не смее да се замолчи со полициска строгост

Медиуми, микрофони / Фото: "Слободен печат" - Митрески Драган

Настанот со кој се повика новинарката Соња Колевска Делевска во полициска станица на информативен разговор поради објава на текст, веднаш го осудија и побараа негово расветлување од Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Според Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), ако е ова инцидент МВР ќе може реално и брзо да ја увиде грешката и да преземе санкции за тој што направил грешка.

– Алармот треба да биде вклучен, треба да бидеме уште побудни во следењето на овие нешта и на начинот на кој што институциите го практикуваат владеењето на правото. Ова не смееше да се случи. Сега очекуваме санкција, вели Чадиковски.

Случајот со колешката Делевска според  Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) оди на конто на тоа дека имаме уште еден несакан обид за заплашување и загрозување на работата на новинарите во земјава.

– Не сакам да верувам дека имаме механизми кои во едно време властите се пресметуваа со нашата професија. Има големи пропусти и од тоа не можеме да отстапиме. Одново се покажа фрагилноста на МВР, вели Беловски.

И Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осуди притисокот врз новинарката Делевска.

„Повикувањето новинар на разговор во полициска станица од вооружени полицајци, а за прашање кое не е кривично дело, туку се процесира во граѓанска постапка за евентуално утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета, се коси со уставните начела што го гарантираат слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Проблематично е тоа што полицијата потклекнала пред барањето на пријавителката“, сметаат од Хелсиншкиот комитет.

Додека МП и полицијата го расветлуваат случајот, јавноста остана покуса за информацијата кое е лицето односно раководителката од МВР која ја повикала новинарката од редакцијата на СДК на информативен разговор.

Во отсуство на оваа информација од институциите, ваквите постапки на „условно“ заплашување на новинари и грубо мешање во уредувачката политика на медиумите се рефлектираат во заклучоците на сите меѓународни извештаи кои го бележат глобалниот индекс за слободата на медиумите, говорот и демократијата во земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот