Фото: EPA/KHALED ELFIQI

Слики од вселената може да ја решат мистеријата како биле изградени египетските пирамиди

Денес, најпознатите пирамиди во Египет се опкружени со пустина, а некогаш таму минувала притока на Нил, што им олеснило на Египќаните да ги градат овие монументални градби.

Анализата на сателитски снимки откри дека во времето кога древните Египќани ги граделе пирамидите во Гиза, постоела притока на реката Нил која течела во близина на местото каде што биле изградени пирамидите и дека нивото на водата било доста високо, пишува „ИФЛ Саенс“ (IFL Science). Египетските пирамиди претставуваат едно од седумте чуда на античкиот свет и се сметаат за најголем споменик и најспектакуларни достигнувања на древната египетска цивилизација.

Повеќето од нив биле изградени во периодот на Старото и Средното Кралство. Од сите пирамиди, трите големи пирамиди во Гиза се најпознати. Тие пирамиди биле изградени од фараоните Кеопс, Кефрен и Микерин помеѓу 2550 и 2490 година п.н.е.

Фото: EPA EPA/MIKE NELSON

Најголема е Кеопсовата пирамида, чија висина е 146 метри. За изградба на оваа пирамида биле искористени околу 2,3 милиони гранитни блокови со тежина од 2,5 до 15 тони. Пирамидите во Гиза привлекувале внимание низ историјата поради нивната монументалност и начинот на кој биле изградени. Често имало полемики за методите кои се користеле при нивната изградба, а едно од најинтересните прашања било поврзано со транспортот на огромни камени блокови кои биле донесени од далечни локации. Познато е дека овој вид товар може да се транспортира на долги растојанија со сплавови или бродови по Нил. Сепак, од Нил до местото на изградбата на пирамидите има и добар дел кој е земјен, а по која требало да се транспортираат блоковите.

Д-р Еман Гонеим прегледал бројни сателитски снимки од овој регион и утврдил дека низ Гиза некогаш течела притока на Нил, по која биле наредени 38 пирамиди, вклучувајќи ги и трите големи пирамиди.

Во интервју за „ИФЛ Саенс“, Гонеим вели дека оваа притока била многу голема и широка, на некои места и до половина километар, што е приближно широчината на денешниот Нил, па затоа не била мала, туку многу голема притока на Нил.

Фото: EPA/KHALED ELFIQI

Денес, оваа одамна исушена притока што течела од Гиза до Фајум се нарекува Ахраматска притока.

– Од првичните истражувања не можеме да утврдиме дали оваа притока била пловна, иако начинот на кој археолошките предмети се начичкани веднаш до брегот и се однесуваат како антички пристаништа ни укажува дека било така. Испитувањето на составот на почвата на поранешното корито на реката треба да разјасни дали патот бил пловен при изградбата на пирамидите – нагласува Гонеим.

Во блиска иднина, истражувачите ќе ја откријат не само тајната на изградбата на пирамидите, туку може да откријат и делови од антички населби кои одамна биле напуштени и изгубени во природната миграција на Нил.

Геолозите и археолозите ќе имаат полни раце работа за да создадат нова слика за древниот Египет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот