Фото: EPA/TERESA SUAREZ

Слика од Пикасо се продаде за 37 милиони долари: „Жената со цветна шапка“ била скриена од очите на јавноста со години

Живописно обоениот портрет на Пабло Пикасо, „Биста на жена со цветна шапка (Дора Мар)”, беше продаден на аукција во петокот за 32 милиони евра (околу 37 милиони долари), објави „Асошиејтед прес“.

Оваа слика е инспирирана од неговата долгогодишна муза и партнерка, Дора Мар, и недостапна за јавноста повеќе од осум децении. Портретот е насликан во јули 1943 година и ја прикажува Дора Мар со шарена цветна шапка. Мар, инаку уметница и фотографка, била партнерка и муза на Пикасо околу седум години, а во тој период нивната врска веќе била во болен распад.

Делото било купено во 1944 година и никогаш не било повторно ставено на пазарот, останувајќи во приватната семејна колекција.

ФОТО | За првпат во јавноста по 80 години: Портрет насликан од Пабло Пикасо оди на аукција, се проценува на 8 милиони евра

Аукцијата се одржа во аукциската куќа „Друо“ во Париз, која го опиша повторното појавување на делото — дел од серијата „Жена со шапка“ — како „момент од ретко значење, што за првпат ја открива целата блескавост на едно долго чувано дело“.

Експертката за Пикасо, Агнес Севестр-Барбе, претходно рече дека е воодушевена од тоа колку живи останале боите на портретот.

– Имаме слика што изгледа точно како кога ја напуштила работилницата. Не е лакирана, што значи дека го имаме целиот нејзин суров материјал. Ова е слика во која се чувствуваат сите бои, целиот хроматски спектар. Тоа е слика што зборува сама за себе. Доволно е само да ја погледнете, полна е со израз и ја открива целата генијалност на Пикасо – рече таа.

Севестр Барбе посочи дека досега делото било познато само преку црно-бела фотографија.

– Никој не можеше да замисли, гледајќи ја таа фотографија, дека сликата е толку полна со боја и енергија. Навистина неверојатна – рече Барбе.

Аукционерот Кристоф Лусиен изјави пред продажбата дека сликата предизвикала огромен интерес низ целиот свет:

– За ова дело се зборува во сите светски уметнички метрополи, од САД до Азија, па секако и во сите големи европски пазари – рече тој.

Украдена слика на Пикасо вредна 600.000 евра: Мистериозно исчезнала при транспорт од Мадрид во Гранада

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот