Парно радијатори за греење / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Скопјани очекуваат топли домови, а не да се греат „под ќебе“

На два дена пред офиџцијалниот старт на грејната сезона, од ЕСМ Снабдување велат дека според правилата, во октомври и во првата половина од ноември, кога временските услови често се менуваат, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот во различни периоди од денот.

Од 15 октомври официјално стартува грејната сезона, која годинава поради неочекувано ниските температури започна на почетокот на октомври, но сепак, поради различни дефекти, радијаторите не беа топли во домовите на сите потрошувачи во Скопје.

Преку системот за централно греење со кој управува АД ЕСМ се греат околу 66.000 потрошувачи, од кои 65.000 се домаќинства, како и над 1.000 деловни потрошувачи, во кои се вклучени болници, здравствени домови, средни и основни училишта и детски градинки. Сите тие очекуваат во наредните месеци да имаат топли радијатори и нормална испорака на парно за да не мора да вклучуваат дополнително клими или да се затоплуваат „под ќебиња“.

Од ЕСМ Снабдување со топлина информираат дека испораката на топлинска енергија ќе се одвива секојдневно по строго утврдените правила и дијаграми што зависат од атмосферските услови и надворешните температури.

Како што велат оттаму, според правилата, во октомври и во првата половина од ноември, кога временските услови често се менуваат, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот, односно кога температурите се пониски, испораката на топлинска енергија се зголемува, а кога се повисоки, се намалува.

При точно утврдени атмосферски услови, кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, испораката на топлинската енергија се прекинува, односно системот се исклучува. Веднаш по падот на температурите под утврдените гранични вредности, централното греење повторно се вклучува. Со ваквиот начин на регулирана испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на потрошувачите – објаснуваат од ЕСМ, но не прецизираат при какви надворешни температури ќе го исклучуваат парното.

Правилата за испорака на топлинска енергија утврдуваат дека во текот на грејната сезона снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20+1º C во грејните простории во периодот од 6 до 22 часот во текот на денот при потполно отворени радијаторски вентили и доколку во објектите внатрешната грејна инсталација е технички и функционална исправна.

Владата со објаснување зошто нема греење: Лоцирани се дефекти кои се отстрануваат

Притоа, како што се вели во правилата, снабдувачот, во случајов ЕСМ Снабдување со топлина, во текот на грејната сезона при високи надворешни температури на воздухот, може да ја прекине испораката на топлинска енергија во периодот од 6 до 22 часот, но притоа е должен да обезбеди температура од 20+1º C во просториите на потрошувачот, додека при ниски надворешни температури на воздухот може да се продолжи периодот на греење.

Во Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија, во Анекс 3, точно е утврдено колкава треба да биде надворешната температура за да се исклучи парното преку ден во текот на грејната сезона. Има посебни одредби за сончеви и за облачни денови.

 Доколку времето е сончево и мирно, а надворешната температура достигне вредност поголема од 11 степени Целзиусови во согласност со локалните мерењата во двете главни топлани Исток и Запад, во периодот помеѓу 9 и 14 часот, се прекинува работата на котлите, а циркулационите пумпи продолжуваат да работат уште 120 минути. Ако за време на работа на циркулационите пумпи надворешната температура порасне до 12 степени Целзиусови и има тенденција на пораст, по 120 минути се прекинува и работата на циркулационите пумпи. Доколку, пак, во период на работење на циркулационите пумпи температурата не порасне над 12 степени Целзиусови, повторно се стартуваат котлите и топланите продолжуваат со испораката на топлинска енергија – предвидуваат мрежните правила.

При облачно време, со или без дожд, котлите се гаснат кога во двете главни топлани надворешната температурата според локалното мерење порасне над 14 степени Целзиусови, додека циркулационите пумпи продолжуваат со работа уште 120 минути. Ако за тоа време надворешната температура продолжи да расне и се приближува до 15 степени, се гаснат и циркулационите пумпите.

Поради студеното време, грејната сезона во Скопје почнува од утре

Во мрежните правила се наведени повеќе вакви ситуации по кои повторно се активира греењето. Но доколку по направениот дневен прекин, во 18 часот температурата е еднаква или поголема од 15 степени Целзиусови и не е прогнозиран значителен пад на надворешната температура, топланите нема да испорачуваат топлинска енергија до наредниот ден.

Но, не се само надворешните температури тие што можат да предизвикаат прекини на парното и студени радијатори на официјалниот старт на грејната сезона.

Од ЕСМ велат дека операторот за пренос на гас НОМАГАС најавил ремонтни активности на регионалните транспортни системи за пренос на природен гас и гасоводот „Турски тек“, па се очекува од 13 до 17 октомври да има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите во земјава.

 Очекуваме расположливите количини гас во преносниот систем да бидат доволни за обезбедување квалитетна испорака на топлинска енергија, во согласност со надворешните температурни услови. Сепак, доколку во преносниот гасоводен систем со кој управува НОМАГАС не се обезбедат соодветни количини, можни се незначителни редукции на испораката на топлинска енергија, кои нема значително да влијаат врз комфорот на потрошувачите, и тоа само во периодот од 15 до 17 октомври. Повторно апелираме до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона – посочуваат од компанијата.

Голем број скопјани ладниот „блицкриг“ го поминаа во незагреани домови

Оттаму исто така апелираат до потрошувачите и до заедниците на сопственици да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок, да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со струја.

Во делови од градот каде што се врши санација на дефекти на топлификациската мрежа, тие навремено се објавуваат на веб-страницата ЕСМ Снабдување. Пред да пријават дефект или рекламација, важно за потрошувачите е да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот на моментално затворени објекти што во моментов немаат услови за испорака на топлинска енергија. Листата е достапна на линкот: Затворени објекти – ЕСМ Снабдување – соопштуваат од ЕСМ.

Граѓаните што имаат некакви проблеми со греењето, кои сакаат да пријават дефекти или известувања за завршени интервенции, можат да се обратат до Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, како и во службите на ЕСМ Енергетика на телефонските броеви 02 3104 816 и 02 3104 872.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот