Скопјани минатата година исфрлиле 166.678 тони комунален отпад

Отпад, Фото: ЈП „Комунална хигиена“

Количеството отпад што ЈПКХС го отстранува од јавните површини секоја година сè повеќе се зголемува, така што во текот на 2020 година биле расчистени околу 9.000 метри кубни, во 2019 година биле расчистени 8.721м3, во 2018 година 5.144м3, додека во 2017 година ЈПКХС отстранила само 835м3 отпад од диви депонии.

Скопјани минатата година исфрлиле 166.678 тони комунален отпад, со што количеството на подигнат отпад во 2021 во однос на 2020 година е зголемено за 8202 тони или за 5,18 отсто.

– И во текот на 2021 година, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ седум пати во неделата, во три смени, го собираа и го транспортираа комуналниот отпад од скопските домаќинства, како и од речиси 600 стопански субјекти во урбаниот и во руралниот дел на градот. Во изминатите 12 месеци беа собрани и транспортирани вкупно 166 678 тони комунален отпад. Количеството на подигнат отпад во 2021 во однос на 2020 година е зголемено за 8202 тони (5,18 %) – стои во извештајот за сработеното во текот на минатата календарска година објавен од страна на ЈП „Комунална хигиена“.

Според надлежните од ова јавно претпријатие, нивните екипи на терен со рачно и машинско миење, но и метење, ја одржувале и хигиената на шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини во градот Скопје.

– И во текот на минатата година, претпријатието продолжи да спроведува сезонско машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини – улицата Македонија, централниот плоштад Македонија и помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје и Старата скопска чаршија – информираат од јавното претпријатие.

На подрачјето на градот Скопје, во текот на изминатите 12 месеци, екипите на ЈП „Комунална хигиена“, отстраниле приближно 11 000м3  отпад од диви депонии, создадени  како резултат на несовесно одлагање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти.

Количеството отпад што ЈПКХС го отстранува од јавните површини секоја година сè повеќе се зголемува, така што во текот на 2020 година беа расчистени околу 9.000м3, во 2019 година беа расчистени 8721м3, во 2018 година 5.144м3, додека во 2017 година ЈПКХС отстрани само 835м3отпад од диви депонии – заклучуваат од комуналното претпријатие од каде што дополнуваат и дека нивните екипи во текот на 2021 година расчистиле неколку обемни диви депонии лоцирани во општините Чаир, Кисела Вода и Сарај.

Кога станува збор за собирањето на кабастиот отпад, во акцијата организирана од нивна страна, во мај 2021 година, а со која беа опфатени сите скопски општини, биле подигнати и транспортирани рекордни 650м3 одложен мебел и отпад од електронски и електрични уреди.

Палењето садови за одлагање комунален отпад од несовесни граѓани имало и минатата година.

Во текот на 2021 година, непознати сторители опожариле вкупно 32 сада наменети за одлагање комунален отпад, од коишто 13 контејнери со зафатнина од 3,2м3, 17 контејнери со зафатнина од 1,1м3и два сада наменети за примарна селекција на отпадот. Сите опожарени контејнери во најкус можен рок беа заменети со нови садови, со цел да се задржи ефикасноста и  стандардната динамика на собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје – информираат ЈП „Комунална хигиена“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот