Скандал: Руски шпиони во Германија, како за време на Студената војна
По разоткривањето на осомничена шпионка, Германија протера вработен во руската амбасада и го свика амбасадорот на разговор. Што покажува најновиот шпионски скандал меѓу Берлин и Москва?
Фотографијата има симболичен карактер за заканите на кои се изложени Западот, Германија и другите земји од ЕУ во хибридната војна која Русија ја води против нив. И пред сè, таа покажува колку се блиски руските агенти со германските политичари: официјалната фотографија на украинската влада го прикажува претседателот Володимир Зеленски во декември во Берлин до канцеларот Фридрих Мерц за време на еден економски конгрес. Зад Мерц и Зеленски седи Илона В., која германските власти сега ја обвинуваат дека е агентка на Москва.
Препорачано
Тоа беа деновите кога германската влада собра бројни европски шефови на држави и влади во главниот град за да разговараат за евентуален крај на руската војна против Украина. А само два реда зад Зеленски и Мерц седи жена која сега е разоткриена како можен руски шпион.
Минатата недела (21 јануари 2026 година), германско-украинската државјанка Илона В. беше уапсена во Берлин. Не подоцна од ноември 2023 година, таа наводно стапила во контакт со вработен во руската амбасада: „Обвинетата во неколку наврати му дала, меѓу другото, информации поврзани со конфликтот меѓу Руската Федерација и Украина“, објави Сојузното државно обвинителство во Карлсруе, институција која презема случаи каде што постои сомневање дека станува збор за закана за уставниот поредок на Германија.
Наводна организација за меѓунационално разбирање
Што ова конкретно би можело да значи, објасни самото обвинителство:
Илона В., се тврди, собирала информации за учесници во „високо рангирани политички настани“. Таа, исто така, му проследила на својот контакт информации за локациите на германската воена индустрија, тестирањето на дронови и планираните испораки на дронови во Украина.
Имено, оваа жена, која живее во Германија со децении и, според германските медиуми, ужива социјална помош, се преселила во политичкиот Берлин како еден вид лобист, се сметала за многу активна и имала пристап до многу настани со високи гости – што потврдува и фотографијата од декември.
Според наводите на, меѓу другите, јавниот радиодифузен сервис АРД, Илона В. била претседател на „сојузно здружение“ со седиште во Берлин. Според сопствените наводи, организацијата, како чадор-здружение на „бинационални здруженија“, се залага за меѓународно разбирање. Во нејзиниот административен совет наводно е вклучена и поранешна пратеничка во Бундестагот од редовите на Социјалдемократите.
Истрагата се спроведува и против двајца поранешни членови на Бундесверот кои лично ја познавале наводната шпионка. Тие се осомничени дека ѝ давале официјални информации. Но, сè уште не е јасно дали знаеле дека овие информации очигледно завршуваат во рацете на руската разузнавачка служба. Според Германското министерство за одбрана, станува збор за поранешен штабен офицер кој неодамна се пензионирал и за висок државен службеник кој го напуштил Бундесверот пред повеќе од 15 години.
Германија протера вработен во амбасадата
Колку сериозно германската влада го оценува овој случај покажа и реакцијата на Министерството за надворешни работи: во четвртокот, рускиот амбасадор Сергеј Нечаев е поканет на дебрифинг, што генерално се смета за остар дипломатски потег. Амбасадорот бил информиран дека вработен во амбасадата, акредитиран како дипломат, учествувал во шпионажа и дека мора да ја напушти земјата. Според новинската агенција ДПА, станува збор за заменик-воениот аташе, кој би можел да биде контакт на Илона В.
Министерството за надворешни работи соопшти: „На амбасадорот му беше одлучно порачано во име на министерот за надворешни работи дека Сојузна Република Германија нема да толерира шпионски активности на нејзина територија и дека тие ќе имаат последици“. А самиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул додаде за време на патувањето во Африка: „Ние многу внимателно следиме што прави Русија и дејствуваме против тоа“.
Руската амбасада: „Смешна провокација“
Не мораше долго да чека на одговорот од руската амбасада и тој покажува колку се лоши односите: обвинението, како што е наведено, е „смешна, брзо смислена провокација“. Тоа јасно служи за дискредитација на руската дипломатска мисија како дел од „шпионската хистерија“ активно поттикната во Германија, објави амбасадата како одговор на истрагата на новинската агенција АФП. „Јасно ставивме до знаење дека непријателските дејствија на Берлин нема да останат без одговор“, се додава.
Но, и покрај реакцијата на Москва, факт е дека сè почесто се бележат активностите на руските разузнавачки служби во Германија. Касарните на Бундесверот се набљудуваат, транспортните патишта на оружје за поддршка на нападнатата Украина се шпионираат. Експертите претпоставуваат дека агентските активности на Русија во Германија одамна го достигнале нивото што го имале за време на Студената војна до падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година.
Сојузната канцеларија за заштита на уставниот поредок минатиот мај во анализа на руските активности во Германија наведе: „Додека прагот на воздржаност за дејствија против Германија од руска страна се намали, зголемувањето на инцидентите регистрирани во Европа, кои привлекуваат внимание на јавноста, покажува дека Русија ја смета и употребата на насилство како легитимно средство“.
Мерц: „Не сме во војна, но веќе не сме во мир“
Кон крајот на септември минатата година, на настан организиран од дневниот весник Рајнише пост, канцеларот Фридрих Мерц го опиша својот став за обемот на руските активности во Германија:
„Ќе го објаснам со една реченица што може да изгледа малку шокантно на прв поглед, но ја мислам точно онака како што ја кажувам – не сме во војна, но веќе не сме ни во мир“.
Поточно, канцеларот се осврна на прелетувањата со дронови кои беа регистрирани над Данска и најсеверната германска покраина Шлезвиг-Холштајн. И во тие случаи, истражните органи претпоставуваа дека е многу веројатно дека станува збор за руски дронови.
Извор: DW/ Автор: Јенс Турау


