Сити и Барселона ќе прават нова размена на фудбалери?
Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола моментно се наоѓа на одмор во Мајорка, но во исто време размислува и за засилувањата за наредната сезона во која сака да оди чекор подалеку од годинешното финале во Лигата на шампионите.
Не е тајна дека Гвардиола во Сити ги сака Хари Кејн и Џек Грилиш, но за ангажман на двајцата англиски репрезентативци ќе мора да плати околу 300 милиони евра.
Но, менаџерот на Сити има подготвено и план Б, а замената за Кејн и Грилиш би пристигнала од Барселона. Наводно Гвардиола веќе имал средба со посредници за да ги дознае плановите на играчите на каталонскиот тим, Серхи Роберто и Осман Дембеле. И двајцата играчи имаат уште една година од договори, веќе имаат понуда за нови договори, но фудбалерите се двоумат. Роберто не сака да прифати намалување на платата, додека Дембеле доби ултиматум, или ќе потпише нов договор или ова лето ќе биде продаден.
Според весникот „Тајмс“, Гвардиола има листа на играчи кои е подготвен да ги жртвува за да дојде до двоецот на Барселона. На неа се наоѓаат Жоан Кансело и Бернардо Силва, како и Ејмерик Лапорт, па дури и Рахим Стерлинг доколку Барселона доплати одредена сума на пари.