Александар Цветкоски, член на Извршниот одбор на ЛДП

Сите именувани функционери да имаат едно државјанство, а не само пратениците, предлагаат од ЛДП

Покрај пратениците, условот за едно државјанство да важи и за сите избрани и именувани функционери, предлагаат од Либерално-демократската партија (ЛДП).

„Едно правило да важи за сите. Доста е од дволичности и двојни стандарди. Критериумите и законите треба да важат за сите веднаш и без одлагање. Двојно државјанство не треба да имаат пратеници, министри, директори, јавни обвинители и судии и тоа да важи за сегашните, ама да важи и за идните и тоа без одлагање“, изјави членот на ИО на ЛДП, Александар Цветкоски.

Тој оцени дека нема потреба од популизам и половични решенија и повика предлагачите на законите да побараат увид во податоците на сите актуелни функционери, при што, како што додаде, оние со двојно државјанство да поднесат оставка.

„Нема никакви потреби од популизам, ефтин маркетинг и пополнување на медиумското време. Нема потреба од половични решенија од типот ќе важи овој мандат, ќе важи другиот мандат, ќе важи за едните, нема да важи за другите. Предлагачите на законот нека побараат од сите актуелни носители на функции да ги достават на увид нивните досиеја и сите што имаат двојно државјанство да поднесат оставка“, рече Цветкоски.

Тој најави дека ЛДП ќе поднесе законско решение со кое сите избрани и именувани лица, под морална и кривична одговорност, ќе треба да потврдат дека немаат друго државјанство.

Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ вчера поднесоа предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за пратениците, со кој се предвидува нов услов — избрани претставници во Законодавниот дом да можат да бидат само луѓе кои имаат исклучиво македонско државјанство.

Предлогот, кој е доставен по скратена постапка, предвидува дополнување на членот 2, со нови одредби според кои кандидат за пратеник мора да е државјанин само на Република Македонија, покрај останатите постојни услови како полнолетство, деловна способност и неосудуваност.

Во документот, кој е потпишан од повеќе пратеници, меѓу кои и Антонијо Милошоски, се наведува дека целта е да се уредат условите за избор на пратеници и да се прецизираат критериумите за вршење на функцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот