Синот на началникот на ГШ примен на Воена академија, внукот на претседателот на Алтернатива ќе стане офицер
Синот на началникот на Генералштабот на Армијата, Сашко Лафчиски, Филип, ќе студира на Воената академија, додека внукот на претседателот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими ќе стане офицер. Името на синот на Лафчиски е петто на Прелиминарната ранг листа на кандидати за прием на школување на питомци и студенти на Воената академија според конкурс објавен на 28.05.2025 година за првиот уписен рок.
Препорачано

Инаку, за началникот уште минатата година Државната комисија за спречување на корупцијата отвори постапка, но сè уште нема донесено одлука. Како што објави „360 степени“, на 15 август минатата година, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го потпиша указот за унапредување на Сашко Лафчиски во чин генерал-мајор. Ден подоцна, и за негово поставување за началник на Генералштабот на Армијата. И двата указа почнуваа да важат од 18 август.
– Сашко Лафчиски станал бригаден генерал на 18 август 2022 година, со указ на претседателот Стево Пендаровски. Законот за служба во Армијата, во членот 61, став 1 предвидува дека офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин по одреден број години служба во чинот кој го има. За унапредување во генерал-мајор, Лафчиски требало да биде три години бригаден генерал, односно тоа можело да се случи најрано на 18 август 2025 година – објави „360 степени“.
Од Државната комисија за спречување корупција за „Слободен печат“ велат дека постапката за Лафчиски уште е во тек и нема донесено одлука.
– Во однос на предметот оформен во Државната комисија за спречување на корупцијата за именувањето на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, постапувањето е во тек. По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница на ДКСК – велат од ДКСК.
За листите на Воена академија реакција стигна и од опозициската Демократска унија за интеграција, од каде што реагираат дека внукот на Зеќирија Ибрахими од Алтернатива е единствениот Албанец кој ќе стане офицер. Внукот на претседателот на Алтернатива е на прелиминарната ранг листа на кандидати за прием со завршен прв циклус на студии за стручно оспособување и усовршување за офицери за службите во Армијата и Министерството за одбрана на Воената академија според конкурсот објавен на ден 13.03.2025.

– Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува длабока загриженост и остро го осудува последниот скандал во процесот на вработување во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, каде што единствениот Албанец примен од 74 кандидати е Јасир Ибрахими, внук на претседателот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими. Ова селективно одбирање се случи и покрај фактот што десетици млади Албанци со факултетско образование аплицираа на конкурсот објавен во мај, но сите, освен роднината на висок партиски функционер на власт, беа елиминирани за време на психолошкиот или физичкиот тест. Само непотизмот го поминува „тестот“, а не способноста, ниту пак подготвеноста. Ова е сериозен удар врз довербата на младите Албанци и другите заедници во државните институции и во нивната иднина во оваа земја – реагира ДУИ.


