Синдикатите на Клинички со низа барања до партиите пред почетокот на кампањата

Во партиските програми јасно да биде дефинирано планираното зголемување на платите на здравствените работници, бараат синдикалците.

Двојно зголемување на платите на здравствените работници и соработници во текот на четиригодишниот мандат, како и на помошно-техничкиот и административниот персонал, изземање на здравствената администрација од останатата јавна администрација, паркингот на Клинички центар да е бесплатен за вработените или да биде најмногу 200 денари, бенефициран работен стаж за здравствените работници и соработници, годишниот одмор да се зголеми за 10 работни дена, односно законски одредениот максимален број денови за годишен одмор да изнесува 36 работни дена.

Ова се дел од барањата со кои Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар пред почетокот на изборната кампања сака да ја информира јавноста, како и партиите, и зза кои побара да бидат вклучени во нивните изборни програми во делот на здравството.

Од Синдикатот бараат да се донесе Закон за докторска дејност, кој ќе ја утврди основната нето плата на докторите преку коефициентите од 2,5 до 3,8 помножени со просечната плата, согласно Предлог текстот од Лекарска комора од 21.04.2016 година, да се донесе Закон за сестринска дејност и Ковид 19 да стане професионално заболување за вработените во здравството.

Од Синдикатот посочуваат дека во принцип се задоволни од остварените зголемувања на платите на вработените во Универзитетскиот клинички центар и во другите јавни здравствени установи, но, како што наведуваат, со сите зголемувања, доктор специјалист во Клинички центар има 55.370 денари основна нето плата, медицинска сестра со средно стручно образование 22.701 денар основна нето плата, а медицинска сестра со високо образование 27.857 денари основна нето плата, што е далеку од ветените 100.000 денари плата за доктор специјалист, и двојното зголемување на платите на медицинските сестри.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот