Синдикална пролет: Протести за зградата на ССМ, за платите и за Први мај

Протест синдикати пред собрание / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Синдикатот бара најмалку 450 евра минимална плата со политичка одлука во првите 100 дена на новата влада.

Сојузот на синдикати најави протест на 2 април пред Врховниот суд за враќање на синдикалната зграда на работниците, на 8 април за усогласување на платите со минималната плата на половина администрација што го нема тоа право, како и масовен протест за Први мај.

Протестите ќе почнат од пред работничкиот дом, односно пред зградата на ССМ. Првиот протест ќе заврши пред зградата на Врховниот суд.

– Со протестот сакаме да им покажеме на судиите дека треба да се одважат, дека правото и правдата мора да победат и дека треба што е можно побрзо да донесат нова пресуда со која ќе го вратат работничкиот дом на работниците, на оние кои што го граделе. ССМ пред еден месец достави до Основниот граѓански суд во Скопје предлог за повторување на постапката врз основа на новите докази – изјави Слободан Трендафилов претседател на ССМ, според кого се извршила „срамна конфискација на работничкиот дом од страна на државата“.

На 8 април протестот ќе заврши пред Министерството за здравство.

– Не сме задоволни од претстојното усогласување на платите, затоа што одредени сектори, како што е здравството, нема да добие усогласување со минималната плата, која веќе е објавена и изнесува 22.576 денари. Нема да добијат усогласување ни во образованието ни во полиција и во неколку други дејности – рече Трендафилов.

Тој посочи дека потпишувањето анекс на колективниот договор во здравството веќе било завршена работа, но дека „поради политички игри“ не се случило и повеќе од 20.000 работници нема да имаат усогласување.

ССМ и оваа година ќе излезе на улица за Први мај.

– Очекувањата се најмалку 450 евра минимална плата со политичка одлука во првите 100 дена на новата влада. Очекуваме потпишување колективни договори, враќање на храна и превоз за работниците за да може да преживеат – рече претседателот на ССМ.

Трендафилов рече дека ниту една политичка партија не побарала состанок со нив.

– Добро ќе беше да ги слушнеа барањата на работниците, затоа што тие се над 700.000, а директорите со кои се сретнуваат се 7.000 – порача претседателот на ССМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот