Силјановски го продолжи договорот, четири фудбалери ја напуштија Брегалница

фото: fkbregalnica.mk

Еден од најдобрите фудбалери на Брегалница од минатата сезона, Горан Силјановски ја продолжи соработката со „сините“ и за следната прволигашка сезона.

Силјановски денеска потпиша нов договор со првлигашкиот клуб од Штип во желбата за нови успешни настапи во „синиот“ дрес во елитното друштво.

– Имавме успешна пролет и една од најуспешните сезони на Брегалница во прволигашкото друштво. Сето тоа ни носи нови мотиви за новата сезона која ќе биде нов сериозен предизвик за мене во синиот дрес, за уште поголеми успеси во иднина – рече Силјановски по договорот за продолжување на соработката.

Воедно, по крајот на сезоната, а со завршување и на договорите, ФК Брегалница ја заврши соработката со четворица досегашни свои фудбалери.

Екипата ќе ја напуштат офанзивниот играч Милан Ѓокиќ, дефанзивците Александар Борха Кордоба и Даниел Мојсов, како и фудбалерот од средниот ред, Адис Хаџановиќ.

– По крајот на договорите завршена е соработката со Милан Ѓокиќ, Александар Борха Кордоба, Даниел Мојсов и Адис Хаџановиќ. Во тек се разговорите со пооделни фудбалери на кои им се завршени договорите во желбата за заеднички јазик за продолжување на соработката. Јасно е дека, во желбата за креацијата на новиот изглед на тимот, нашите цели и амбиции се нови адекватни засилувања за максимална компетитивност во Првата лига следната сезона – вели шефот на стручниот штаб на Брегалница, Горан Здравков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот