Швајцарија ќе решава дали има место за уште жители
Компаниите, работодавачите и голем дел од економистите предупредуваат дека потенцијалната мерка на ограничување на бројот на жители може да ја погоди токму основата на швајцарскиот економски успех – отвореноста кон квалификувани работници, особено од Европската Унија која е најважниот извозен пазар за Швајцарија, а договорите со Брисел се клучни за пристапот на земјата до единствениот европски паз
Швајцарците на 14 јуни ќе гласаат на референдум за тоа дали бројот на жители во земјата треба да се ограничи на 10 милиони. Иницијативата, која дел од критичарите ја нарекуваат „швајцарски Брегзит“, предизвика силна загриженост кај бизнис-заедницата, бидејќи евентуално усвојување би можело да ги наруши односите со Европската Унија и да го ограничи пристапот до странска работна сила, анализира „Ројтерс“.
Препорачано
Предлогот е поддржан од десничарската Швајцарска народна партија, СВП, која тврди дека брзиот раст на населението создава сè поголем притисок врз инфраструктурата, патиштата, јавниот превоз и пазарот на недвижности. Поддржувачите на ограничувањето велат дека земјата станува пренатрупана, дека кириите растат, а јавните услуги се под зголемен товар. Тие ја поврзуваат имиграцијата и со порастот на криминалот, што е чест аргумент на десничарските партии во Европа.
Од другата страна, пак, компаниите, работодавачите и голем дел од економистите предупредуваат дека ваквата мерка може да ја погоди токму основата на швајцарскиот економски успех – отвореноста кон квалификувани работници, особено од ЕУ. Европската Унија е најважниот извозен пазар за Швајцарија, а договорите со Брисел се клучни за пристапот на земјата до единствениот европски пазар.
Мартин фон Моос, извршен директор на луксузните хотели „Белвоар“ во Ришликон и „Седартис“ во Талвил, во близина на Цирих, вели дека е длабоко загрижен за иднината на земјата. Речиси половина од неговите 115 вработени се странци, па според него, хотелите не би можеле нормално да работат без персонал што доаѓа надвор од Швајцарија. Тој предупредува дека сличен проблем би имале многу компании, особено во услужниот сектор, туризмот, здравството, науката и високотехнолошката индустрија.
Во Швајцарија е пронајден потопен римски мост стар 1.700 години
Исходот е неизвесен
Анкетите покажуваат дека исходот може да биде неизвесен. Според последното истражување, 47 отсто од испитаниците ја поддржуваат иницијативата, додека, пак, 52 проценти се против. Тоа значи дека референдумот се одржува во атмосфера на силна политичка поделба, во земја каде што директната демократија има централно место во политичкиот систем.
Швајцарија до крајот на 2025 година достигна 9,1 милиони жители. Во 2002 година, кога беше воведено слободното движење на луѓе меѓу Швајцарија и Европската Унија, земјата имаше 7,3 милиони жители. Денес странците сочинуваат речиси 28 проценти од населението.
Пратеникот на СВП, Иван Пахуд, вели дека Швајцарија е мала држава со ограничена територија и дека во последните години се соочила со најсилен раст на населението. За десницата, ова е доказ дека системот треба да се ограничи и дека државата мора да има поголема контрола врз тоа колку луѓе може да прима.
Но, критичарите гледаат поширок европски тренд. Според нив, референдумот е дел од истата политичка логика што ја хранеше кампањата за Брегзит во Велика Британија и растот на партии како францускиот Национален собир и германската АфД. Во сите овие случаи, имиграцијата се претставува како главен извор на проблемите со домувањето, јавниот превоз, здравството или безбедноста.
Бизнис-заедницата смета дека ограничувањето на населението би можело да ја оштети една од најстабилните економии во Европа. Биотехнолошката компанија „Молекулар партнерс“ од Цирих, која има околу 120 вработени, од кои повеќе од половина не се Швајцарци, предупредува дека веќе е тешко да се најдат потребните кадри. Даниел Штајнер, висок потпретседател во компанијата, вели дека доколку фирмите мора да се потпираат само на швајцарскиот пазар на труд, тоа би било сериозна пречка за нивниот развој. Во такви околности, дел од активностите би можеле да се преселат надвор од земјата.
„Популистички обид за решавање сложени проблеми“
Економистот Рудолф Минш ја опишува иницијативата како популистички обид сложени проблеми да се решат со вештачки лимит. Според него, ограничувањето нема да ги реши проблемите со домувањето и сообраќајот, бидејќи тие бараат инвестиции, планирање и конкретни политики, а не механичко запирање на растот на населението.
Швајцарија, како и многу други европски држави, се соочува со стареење на населението. Според швајцарската статистичка служба, до 2055 година уделот на луѓето на возраст од 20 до 64 години ќе се намали од 60 на 56 проценти. Истовремено, уделот на луѓето постари од 65 години ќе порасне од сегашните 21 на 27 проценти. Тоа значи дека земјата ќе има сè поголема потреба од работници што ќе го одржуваат пензискиот систем, здравството и економскиот раст.
Противниците на иницијативата потсетуваат дека многу доселеници одиграле важна улога во развојот на швајцарската економија. Како примери се наведуваат „Нестле“, „Своч“ и „АББ“, компании што целосно или делумно биле основани од странци. Според истражување на „Авенр свис“, од 2023 година, 39 проценти од сите основачи на компании во Швајцарија биле странци.
Според предложените правила, ако населението ја надмине границата од 9,5 милиони жители, што се очекува околу 2031 година, владата ќе мора да преземе мерки за да спречи бројката да достигне 10 милиони. Ако земјата, сепак, стигне до тој праг, што според прогнозите би можело да се случи во 2042 година, Берн ќе биде должен да раскине меѓународни договори што придонесуваат за раст на населението.
Најважниот меѓу нив е договорот со ЕУ за слободно движење на луѓе. Тој е дел од пошироката мрежа билатерални договори со Брисел, преку кои Швајцарија има пристап до единствениот европски пазар. Затоа противниците на иницијативата предупредуваат дека прашањето не се сведува само на бројот на жители, туку може да ја промени целата економска позиција на земјата.
„Ширење страв“
Клод Маурер, главен економист во истражувачкиот институт БАК Економикс, проценува дека напуштањето на билатералните договори би го намалило економскиот раст на Швајцарија за 7,1 проценти во периодот од 2028 до 2045 година. Тоа би значело загуба од околу 685 милијарди швајцарски франци, односно 867 милијарди долари. Според него, послаб раст, повисоки плати и инфлаторен притисок би можеле да доведат и до повисоки каматни стапки.
Пратеникот на СВП и банкар Томас Матер ги отфрла овие предупредувања како ширење страв. Тој тврди дека само мал дел од имигрантите се работници со навистина барани квалификации и дека растот на БДП по глава на жител се намалил во периодот на зголемена имиграција. Според него, СВП не бара затворање на земјата, туку умерена и контролирана имиграција, со избор на луѓе што ѝ се потребни на Швајцарија.
Големите швајцарски компании, меѓу кои „Рош“, „Нестле“, АББ, УБС и „Новартис“, јавно се спротивставија на иницијативата. „Рош“ предупреди дека евентуална победа на предлогот би ги загрозила договорите со ЕУ и би го продлабочила недостигот од квалификувана работна сила. Компанијата нагласува дека швајцарските фирми зависат од пристап до стручни работници, особено од европскиот пазар.
Хотелиерот Мартин фон Моос ја нарекува иницијативата „волк во овча кожа“ – едноставна порака што, според него, прикрива сериозни последици. Тој предупредува дека некои хотели би можеле да затворат, цените би пораснале, а Швајцарија би станала помалку достапна и за посетителите надвор од Европа.


