Рената Кралевска
Рената Кралевска / Фото: Илија Тодоровски

Што прави денеска: Рената Кралевска, пејачка и текстописец

Рената Кралевска, или попозната како Rennata, е пејачка и талентирана девојка која пишува прекрасни текстови за себе, но и за бројни имиња од нашата музичка сцена.

Рената се занимава со музика долги години, но пошироката публика ја запозна во 2012 година, со песната „Time, Time“, која доживеа неверојатен успех и надвор од границите на нашата држава. По оваа песна, Рената имаше уште неколку успешни музички проекти што се најдоа на нејзиниот канал на ВЕВО и беше првата Македонка на оваа платформа.

Таа е студентка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот за соло пеење, а публиката сѐ почесто може да ја слушне на нејзините настапи во живо, кои од неодамна ги има со џез-пијанистот Гордан Спасовски.

Фото: Бојан Стоилковски

Рената ни откри како изгледа еден нејзин ден.

„Секој ден е приказна за себе, и доколку постои нешто во кое сум постојана, тоа е почетокот на утрото со медитација. Оваа духовна подготовка ме полни со енергија, која ме води низ целиот ден. Утрото го продолжувам со свежо овошје, во зимскиот период особено со портокали, и топол чај.

Секојдневието ми поминува претежно во творење и пеење, особено имајќи ја на ум испитната сесија што ми претстоеше во изминатиот период, а веќе е при самиот крај. Моментално студирам на Факултетот за музичка уметност во Скопје и ова е трета година како го сознавам полето на соло пеењето подетално, како и различните полиња на музиката од компонирање и аранжирање, до историја на музика. Секојдневните онлајн-часови се дел од моите активности, кои отприлика завршуваат околу 16.00 часот.

Фото: Приватна архива

Со оглед на тоа што сум текстописец на англиските песни што ги издадов изминатите години, се појавувам како текстописец и на доста македонски изведувачи. Минатата година беше исполнета со многу музика од која бев дел и како текстописец и како коавтор на музиката, така што во денот издвојувам време за надградба на пишаниот збор, како и збогатување на речникот кој е исклучително важен при изборот на зборови што ќе бидат певливи, а сепак ќе ја задржат својата мисловна „тежина“. Дел од текстовите се „Сознавам“ на Агни Авшар, заедно со Бети Јанковиќ, „Feel so good“ и „За Нова година“ на Симона Поповска, „Myrtle tree“ и „Contentment“, композициите на џез-пијанистот Гордан Спасовски, во изведба на Groovy Loons и Џон Илија Апелгрен.

Во слободно време, уживам кога ќе зготвам некој рецепт од вегетаријанската кујна што ја истражувам сѐ повеќе, додека, пак, вечерните часови ги поминувам на пливање, кое од неодамна стана моја секојдневна активност. Пред пандемијата, речиси секоја вечер ја поминував во мојот втор дом, „Спиритуален центар 1008“ на јога и медитација со мојата духовна учителка Бети Јанковиќ. Се обидувам да изведам по некоја јога-вежба и сега, но тоа не може да се спореди со изведбата на вежбите под водството на духовниот учител.

Фото: Приватна архива

За викендите сакам да прошетам во природа, да бидам опкружена со дрвја и свеж воздух, па дури тоа да бидат и околните паркчиња каде што живеам. Вечерите се за настапите во живо, кои од неодамна ги имам заедно со пијанистот Гордан Спасовски.

Се обидувам секој момент да го живеам свесно и да го дадам најдоброто од себе, со волја и неизмерна благодарност кон Универзумот за секој даден ден.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот