Што прави денеска: Јана Гигова, музичарка

Јана Гигова
Јана Гигова / Фото: Приватна архива

Јана Гигова е баскерка, сонувачка низ музика, патувач низ време и простор и градско лице кое го облагородува плоштадот во Скопје со својата музика и перформанс.

Јана ни раскажа како изгледа едно нејзино деноноќие.

„Бидејќи настапите и пробите ми се понекогаш до доцна, не станувам секој ден во исто време – ама најубаво ми е кога ќе си станам околу 7.30. Така имам време подолго да молчам и да пијам кафе. Ме нервираат денови кога мора да се освестам и да излезам на брзина, така се чувствувам како да сум си ја оставила главата дома и како автопилот да раководи со мојот вселенски брод.

Секој ден ми започнува со стандардни вежби за истегнување, јога и фристајл денс. Во теретана одам само кога имам со кого, а на кеј одам да трчам и возам секогаш кога е убаво и сончево. Деновиве многу се сакаме со кејoт и среќна сум што се врати сонцето.

Јана Гигова
Јана Гигова / Фото: Приватна архива

Слушам гласна музика и пеам наутро кога се туширам, а адвокатите под мене мислат дека правам журка. Јас им објаснив дека тоа ми претставува дел од работните обврски, бидејќи не можам да одам нераспеана на работа. Овие денови, пред пеење средувам некои нарачки на инструменти. Поконкретно, укулелиња, кои ќе бидат со мој оригинален дизајн. Исто така ги довршувам дизајните за маичките, кои наскоро ќе ги видите.

Денес бев пеш до Влае и назад, да разгледувам простории за студио за снимање. Сакам да имам поубаво изолиран простор, каде што нема да има на кого да му пречам, па барајќи го, стигнав до Влае. Изгледа дека ќе мора да одам и до Тетово, оти сите простории овде беа зафатени.

Пеењето секогаш ми е на истото место на плоштад. Ми се допаѓа тоа место и многу сум тажна кога има некој друг таму, бидејќи мозокот најуспешно ми функционира кога си ги имам рутините, па затоа гледам да отидам да пеам порано. Ако сѐ e во ред со денот и со мене, најчесто останувам подолго. За да можам да издржам толку часови пеење, гледам да одбирам помирни песни, кои нема да ми ја истрошат силата, а и нема да ги вознемируваат толку соседите.

Јана Гигова
Јана Гигова / Фото: Приватна архива

Пеењето надвор ми има помогнато да разберам многу за луѓето и за човечкото однесување, за психологијата на масите. Првите впечатоци и предрасудите секогаш им се врежуваат несвесно на луѓето, без да сакаат. Пеењето надвор, исто така ме има научено и дека луѓето се генерално, добри по природа. Ретко кои од нив сакаат да размислуваат подлабоко. Можеби така помалку ги боли главата. После пеење, ако немам час по танц, или правам вечера и седам со другарките, или одам на проба или свирка. На последнава проба, по грешка направив пет песни во еден здив. Сите се на македонски, што е невообичаено за мене, ама мислам дека се „океј“ и ќе ги извадам наскоро. Сите потсетуваат на нешто сонливо. Никогаш не ги запишувам текстовите и композициите, туку ги импровизирам, ми доаѓаат сами. Откако ќе ги снимам како импровизации, ги запишувам и досредувам ситници. Свирките по локали ми се повеќе заради дружење, отколку за егзистенција. Сакам луѓе, само претешко ми е во гужви да „човекувам“ нормално. Кога сум дома и конечно можам да правам ништо, најчесто правам за јадење работи што се здрави за тироидата и мозокот, танцувам уште еден краток сет и читам или гледам предавања. Читам за сѐ, од квантни полиња до неврологија. Всушност, немам од-до. Речиси сѐ ме интересира подеднакво најмногу. Целиот свет сакам да знам како работи до најситен детаљ.

Јана Гигова
Јана Гигова / Фото: Приватна архива

Пред да заспијам, си пишувам приказни. Претежно пост-апокалиптичен протопијански сај-фај, планети, изгубени цивилизации и патување низ времето. Кој не би го сакал тоа? Мене барем ми е полесно да сонувам со такви нешта на ум. Од серии, „Inside job“ ми е моментално „најокеј“ и пред спиење знам да си пуштам некоја епизода по петти пат. Истите цртачи на „Rick & Morty“. Топло препорачувам.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот