Што прави денеска: Ивана Стаменковска, инструкторка по јога

Да останеш и да бидеш свој во свет што постојано сака да те промени е огромна привилегија, вели младата и талентирана Ивана Стаменковска.
Иако млада, таа е инспирација за многу девојки и жени. На Инстаграм ја следи импресивна бројка од речиси 30.000 следбеници.
Професионално со јога почнала да се занимава пред четири години и оттогаш со голема посветеност се труди да го пренесе своето знаење и умешност.

Инаку, Ивана има две професии, кои се воедно и две нејзини големи љубови.
Првата ѝ е ветеринарен лекар, а втората – инструкторка по јога, професија по која луѓето повеќе ја препознаат поради бројот на следачи и содржината што ја објавува на своите профили на социјалните мрежи. Ивана претпочита да ги држи настрана една од друга двете професии.
Иако кај нас луѓето често знаат да кажат дека јогата ѝ е хоби или занимавање,
Ивана не се согласува со тоа, поради фактот што таа најдобро знае колку вложува во тоа што го работи и секогаш внимава да е коректно од научен аспект и да пренесе знаење.
Талентираната Ивана раскажа како изгледа едно нејзино секојдневие…
„Утрата ми започнуваат со филџан дупло еспресо. Не би го менувала кафето за ништо на светот особено затоа што сум огромна љубителка на добро кафе.

Во некои од деновите држам утрински часови по јога. Многу сум среќна кога луѓето вежбаат во утринските часови. Знам колку е тоа предизвикувачки и бара голема дисциплина. Во другите денови вежбам сама.
Откако ќе се истуширам и ќе ги подготвам оброците, денот може официјално да почне.
Денот од тука ми е во еден интересен хаос. Работењето во болница ми е секогаш интересно. Работиме со многу пациенти и се соочуваме со најразлични случаи, но не можам да се пожалам, бидејќи нема ништо подобро од тоа пациенти да ти се животните. Времето овде ми поминува премногу брзо, а морам да се пофалам и дека имам одлични колеги, кои дополнително ми го разубавуваат денот, без разлика на околностите во кои ќе се најдеме.

Во вечерните часови секогаш практикувам часови по јога. Го обожавам чувството кога ќе влезам во студио и сите грижи од тековниот ден испаруваат. Многу сум им благодарна на студентите што ми ги посетуваат часовите. Сите се поинакви и свои, со различни животни приказни, но сите се здружени и весели.
Денот го завршувам многу изморена, но исполнета и среќна, со помислата дека не би сменила ништо од изминатиот ден. Океј, можеби би сакала да имам екстра 2 часа (се смее), но одморот го надополнувам заедно со најблиските за време на викендите.“
