Што навистина нè прави добри партнери? Три клучни навики за посреќна и постабилна врска
Да се биде добар партнер не значи совршенство, туку разбирање како на некого да му покажеме вистинска љубов. Љубовта, пред сè, е искуство – ја чувствуваме преку гестови, внимание и емоционална поврзаност. Сите сакаме различно, но едно е заедничко: желбата да се чувствуваме видени, ценети и безбедни во односот. Токму тоа ја определува и нашата среќа во врската, пишувa „Живим“.
Препорачано
Истражување спроведено на повеќе од 270 учесници испитувало како партнерите ги регулираат емоциите едни со други и кои постапки најмногу влијаат на стабилна и среќна врска. Резултатите издвоиле три јасни клучеви на партнерската среќа.
1. Благодарност
Првата, а воедно и најмоќната компонента е искрената, секојдневна благодарност. Често малите гестови на партнерот ни стануваат „нормални“ – утринско кафе, помош без да се побара, збор на охрабрување во вистински момент. Но токму тие ситници ја прават најголемата разлика.
Кога свесно ги забележуваме и им се заблагодаруваме, создаваме врска во која и двете страни се чувствуваат важни и сакани.
Благодарноста ја зацврстува емоционалната блискост. Паровите кои се поддржуваат во стресни моменти чувствуваат повеќе благодарност, а тоа директно води кон поголемо задоволство од врската. Кратко речено: благодарноста е мостот меѓу секојдневните навики и трајното чувство на љубов.
2. Хумор
Вториот важен елемент е хуморот. Според истото истражување, тој е вториот најсилен показател за среќна врска. Но, не се работи само за кажување виц. Станува збор за заедничко создавање моменти на радост, леснотија и топлина.
Паровите кои почесто внесуваат хумор во секојдневието се поудоволни од односот и ефектот трае и следниот ден.
Смеење во стресна ситуација, мала интерна шега или духовит коментар може да потсети дека сте тим, дека сте заедно. Хуморот не треба да понижува, туку да создава чувство дека времето поминато со партнерот е весело и вредно.
3. Слушање, но она вистинското
Третиот клуч е слушањето со намера да разбереме, а не само да одговориме. Психолозите го нарекуваат „рецептивно слушање“ – присуство со внимание на тонот, емоцијата, изговореното и неизговореното.
Партнерите кои се чувствуваат слушнати и разбрани имаат помалку стрес и помалку се задржуваат на негативни мисли.
Тоа вклучува и едноставни гестови како:
- тргање на телефонот настрана
- контакт со очи
- потврден поглед или осмевка
- тивок момент на блискост додека другиот зборува
Овие три навики не бараат големи гестови, ниту спектакуларна романса. Бараат присутност, внимание и желба секој ден да покажеме дека ни е грижа. Тогаш стануваме подобри партнери, токму затоа што му го нудиме на другиот она што сите потајно го посакуваме – да нè видат, да нè разберат, да нè ценат, токму такви какви што сме.


